„Заедно знаеме повеќе“ во Крива Паланка: Во ЗНАМ не делиме луѓе по партиски книшки

 

Претседателот на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, Максим Димитриевски заедно со генералниот секретар Горан Минчев, денес остварија посета на Крива Паланка во рамки на караванот „Заедно знаеме повеќе“.

Во преполната сала, раководството на ЗНАМ испрати силни пораки за обединување, промени и модел на одговорно и чесно управување со државата – од локално ниво, па сè до врвот.

Генералниот секретар Горан Минчев во својот говор нагласи:

„Членството на СДСМ се прекрасни луѓе. Таму има достоинствени, чесни, вредни, домаќини луѓе кои знаат дека се оставени на милост и немилост од раководството на СДСМ, изневерени и разочарани, кои денес се чувствуваат напуштени. Ве повикувам и наша обврска е да им ги отвориме вратите – затоа што ЗНАМ е движење за сите чесни луѓе, кои се надеваат и се борат за подобра иднина. Ние во ЗНАМ не делиме луѓе по партиски книшки – ние ги спојуваме сите што сакаат подобра Македонија. Нашата сила е во обединувањето, не во поделбите.“

Минчев упати порака до двоецот Заев и Филипче, познати како “златните дечки”, поставувајќи го прашањето:

„Зошто ти е златна виза, Венко? Златни визи не се купуваат без причина, тие се дел од вашиот план за бегство, за моментот што го очекувате и планирате – да му се придружите на својот другар Артан Груби надвор од државата.

СДСМ во моментов е брод без кормило. Од удобноста на грчките плажи или од луксузот во Дубаи, испраќаат политички инструкции што се спротивни на интересите на граѓаните на Република Македонија.

Наместо да се соочат со реалноста, тие продолжуваат да шират лаги и манипулации, само за да се заштитат себеси.

Народот веќе ве казни – и тоа беше само почеток. На претстојните локални избори следува тотален дебакл!” - порача Минчев.

Претседателот Димитриевски пред граѓаните на Крива Паланка нагласи дека претстојните локални избори се клучен момент за вистинска промена:

„Ние ниту сакаме, ниту имаме намера да ја продолжиме нивната приказна – ние отпочнавме нова! Тие продаваа државно, распродаваа сè што беше свето и народно, од името до достоинството. Ние, пак, на локално ниво градиме, вложуваме, чекор по чекор ја враќаме довербата. Со чесност, отчетност и директна комуникација со народот – тоа е нашата формула за успех.“

Во своето обраќање, Димитриевски силно ја нагласи принципиелноста како темел на политичкото дејствување на ЗНАМ. Тој порача дека времето на компромиси со корупцијата, клиентелизмот и
личните интереси е завршено.

„Ако нешто не чини – го кажуваме, без разлика дали доаѓа од позиција или опозиција. Затоа што не сме тука за фотелји, туку за промена. И затоа народот нè препознава – затоа што не молчиме, не тргуваме со вистината, и не им даваме на луѓето лажна надеж. Ова движење го градиме на вредности, не на калкулации. Ова е борба – не за власт, туку за иднина.“ - истакна Димитриевски.

Димитриевски најави дека Движењето ќе настапи со сопствени листи за советници во сите формирани општински организации на ЗНАМ:

„Ќе им дадеме вистинска можност на граѓаните да одберат свои претставници – не партиски поставени чиновници, туку луѓе од маалото, од улицата, кои ги познаваат реалните проблеми. Луѓе на кои им веруваат, со кои секојдневно живеат и сакаат заедно да го уредуваат својот град. Тоа е силата на ЗНАМ – народот е со нас, затоа што сме со него од првиот ден.“

Караванот „Заедно знаеме повеќе“ продолжува со посети низ целата држава, со цел директни средби со граѓаните и претставување на визијата на ЗНАМ за силни, чесни и одговорни локални самоуправи кои вистински ќе им служат на граѓаните.

16.05.2025 - 08:57

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега