Ѓорѓиевски: Кисела Вода со рекорден прв квартал, приходите зголемени за 8,06%
Општина Кисела Вода продолжува со континуираниот раст и развој во изминатите 3 години во секој аспект од работата. Ова најдобро го потврдува и финансискиот отчет за првиот квартал од 2025 година, кој покажува реализација на приходи од 322.841.406 денари, што претставува зголемување за 8,06% во однос на истиот период од 2024 година, која пак, беше претходно најдобра година во историјата на општина Кисела Вода.
Годините кога претходната власт раководеше со општината се драстично послаби во однос на првиот квартал од 2025 година. Колку за споредба во 2021 година како последна година од мандатот на претходникот од СДСМ, имаше за 58,84% пониска реализација на вкупните приходи.
Во делот на Приходите на Основниот Буџет се бележи раст од 11,2% во споредба со првиот квартал од 2024 година што беше историски најдобрата година и најдобриот прв квартал од постоењето на општина Кисела Вода или во бруто износ, во 2024 година во првиот квартал приходите изнесуваа 159.077.089 денари, а во првиот квартал од 2025 година изнесуваат 176.894.588 денари. Споредено со претходната власт во општина Кисела Вода, во 2025 година има повеќе од двојно повисока реализација на приходите во Основниот Буџет.
Приходите на општина Кисела Вода се повеќе од 2 пати зголемени во последните 2 години, а финансиската стабилност и ликвидност е подобрена за речиси 7 пати споредбено со 2021 година.
Финансиските средства на сметките на општина Кисела Вода во 2025 година исто како и во 2024 година продолжуваат да бидат далеку повисоки од вкупните обврски на општината што не беше замисливо во минатото.
Посбено е значаен делот во однос на капитални проекти, каде во првиот квартал од 2025 година, општината реализираше капитални проекти во вредност од 76.850.753 денари, што е три пати повеќе од 2020 и 2021 година, и дури 13,73 пати повеќе во споредба со првиот квартал од 2019 година.
За илустрација, во сите први квартали за време на четиригодишното владеење на претходниот градоначалник, се реализирани капитални инвестиции во вредност од 71.576.234 денари – што е помалку од реализацијата во првите три месеци на 2025 година.
- Финансискиот извештај за првиот квартал од 2025 година уште еднаш потврдува дека Општина Кисела Вода е на вистинскиот пат – пат на одговорно, транспарентно и чесно управување во интерес на граѓаните. Реализиравме приходи во износ од 322.841.406 денари, што е за 8,06% повеќе во споредба со истиот период лани, а и тогаш ја бележевме најдобрата година во историјата на општината. Овој континуиран напредок е резултат на интензивна и посветена работа, но и на постојана комуникација со нашите граѓани. Проектите што ги реализираме се водени од нивните потреби и предлози. Токму нивните идеи се основа за развојните планови што ги спроведуваме секојдневно. Нашата визија е Кисела Вода да биде општина каде секој глас се слуша и секоја добра иницијатива наоѓа поддршка. Особено сум горд што веќе во првите три месеци од годината реализиравме капитални проекти во вредност од над 76 милиони денари – сума што ја надминува четиригодишната капитална реализација на претходното раководство. Овие бројки не се само статистика, туку директна потврда за промените што нашите граѓани секојдневно ги чувствуваат во своето секојдневие. Во тек е постапка за реализација на уште 22 нови капитални проекти, за кои аплициравме за финансиска поддршка од Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски. Благодарни сме за оваа соработка и поддршка, која е исклучително важна за да продолжиме со забрзаното темпо на развој. Очекуваме уште посилен втор и трет квартал, со уште повеќе реализирани идеи и вложувања во инфраструктурата, урбаниот живот, образованието и квалитетот на секојдневието. Кисела Вода е пример за тоа како изгледа кога една локална самоуправа работи отворено, отчетно и во служба на граѓаните-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа