Русија прогласи вонредна состојба во областа Курск
Русија денеска прогласи вонредна состојба во областа Курск, каде што веќе четири дена траат судирите со украинските војници.
Одлуката Министерството за вонредни состојби ја соопшти по седницата на владината комисија за превенција и отстранување вонредни ситуации.
„Во разговорот беше опфатена ситуацијата во областа Курск поради нападот на украинските вооружени сили. Во регионот е воспоставено федерално ниво на одговор“, се вели во соопштението.
Во текот на ноќта кон вторникот Украина го засили гранатирањето на областа Курск. Артилерискиот бараж беше проследен со упад на украинската пешадија, поддржана од тенкови и оклопни возила, во близина на градот Суџа.
Руското Министерство за одбрана во вторникот соопшти дека 300 украински војници, 11 тенка и 20 оклопни возила ја преминале руската граница, но во средата началникот на рускиот Генералштаб, Валериј Герасимов, тврдеше дека околу 1.000 украински војници биле вклучени во битката.
Експертите веруваат дека има неколку можни цели за нападот, вклучително и уништување на клучната транзитна точка за испорака на руски гас во Европа, одвлекување на вниманието на руската команда од Донбас, прекинување на железничката рута за снабдување на руските сили во регионот Харков во Украина и зајакнување на моралот на украинската војска.
Руските власти изразија загриженост за нуклеарната централа „Курск“, која се наоѓа во близина на борбите, и наводно ја зајакнале безбедноста, соопшти Рускиот гардиски корпус.
Локалните власти во областа Курск соопштија дека во украинскиот напад загинале пет цивили, меѓу кои и болничар, возач на брза помош и 24-годишна трудница, а 66 лица се повредени, меѓу кои и шест деца.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа