Котески: Борбената готовост на АРМ задоволителна
Борбената готовност на единиците на Армијата на Република Македонија во моментов е задоволителна, оцени началникот на ГШ генерал-потполковник Горанчо Котески пред денешниот брифинг на воениот врв за состојбата на вооружените сили во 2013 година, на кој присуствуваа претседателот на Република Македонија и врховен командант на вооружените сили Ѓорге Иванов, министерот за одбрана Талат Џафери, клучниот персонал од Министерството за одбрана и ГШ на АРМ и командантите на потчинетите команди.
- Денеска ќе реферирам за борбената готовост на единиците и командите на АРМ за 2013 година. Ќе го информирам претседателот Иванов за задачите кои АРМ ги обавуваше во текот на 2013 година и ќе го запознам со пополнетоста на единиците, состојбата на моралот на човечкиот потенцијал и техниката со која располага Армијата, изјави Котески.
На брифингот ќе стане збор и за приоритетите на АРМ во 2014 година, а ќе бидат доставени и одредени предлози за подобрување на борбената готовост.
- Моментално Генералштабот на АРМ изработува динамички план за повлекување на единиците од Авганистан и врши анализа за ангажирањето по 2014 година во Авганистан во смисла на начинот на ангажирање и избор на партнери со кои ќе учествуваат, рече Котески.
Инаку, Брифингот за борбената готовност е редовна обврска на ГШ на АРМ кон претседателот на Република Македонија и Врховен командант на Вооружените сили, кога му се реферира за борбената готовност на Армијата во изминатата година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа