Даниловски за мајмунските сипаници: Болеста не се пренесува лесно, претпазливост, но не и паника
Откако Институтот за јавно здравје вчера потврди два случаи на Monkeypox – Мајмунски сипаници во Македонија, епидемиологот Драган Даниловски на социјалните мрежи објаснува за какво заболување станува збор.
„Мајмунските сипаници се вирусна болест предизвикана од monkeypox вирусот, кој припаѓа на истото семејство како и вирусот на големите сипаници (variola vera). Симптомите обично вклучуваат: треска, главоболка, болки во мускулите и грбот, зголемени лимфни жлезди, исцрпеност, кожен осип кој може да се појави на лицето, рацете, стапалата, гениталната област или други делови од телото. Инкубациониот период е обично од 6 до 13 дена, но може да варира од 5 до 21 ден. Болеста трае од 2 до 4 недели и во повеќето случаи се повлекува без потреба од специфичен третман. Сепак, кај лица со ослабен имунитет, деца и бремени жени, може да се развијат посериозни компликации“.
Даниловски објаснува како се пренесува болеста.
„Директен контакт со кожни лезии или телесни течности на заразено лице; Близок физички контакт, вклучувајќи сексуален однос; Контакт со контаминирани предмети како облека, постелнина или прибор; Респираторни капки при продолжен близок контакт лице в лице“.
Важно е како што напоменува дека болеста не се пренесува лесно.
„Потребен е близок, продолжен контакт“.
Според него ризикот за епидемија е многу низок а состојбата се следи од здравствените власти.
Даниловски советува и што да направите за сопствена заштита.
„Одржувајте хигиена (миење раце со сапун и вода); Избегнувајте близок контакт со симптоматски лица и споделување на лични предмети; Консултирајте лекар при сомнителен осип. Информирајте се од релевантни извори – не од гласини“.
Мајмунските сипаници, како што вели не се нова, ниту неконтролирана закана. Ситуацијата, според него, бара информираност и претпазливост, но не и паника.
Од Институтот за јавно здравје најавија дека ќе продолжат да ја следат состојбата.
„Во моментов нема простор за паника, бидејќи брзо и навремено институционално се превземаат сите потребни мерки. Вечерва се мобилизирани сите институционални капацитети за надминување на
последиците од ваквата појава и се превземаат сите превентивни мерки“, беше нагласено во официјалната информација од ИЈЗ.
Тие најавија подетални информации во текот на денешниот ден.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа