ДУИ: Мицкоски продолжува и на јавна сцена да демонстрира одбивност кон Албанците

 

Јавното понижување на градоначалникот на Тетово пред сите камери, пред целата јавност, всушност преставува логична последица на моноетничката доминација во Власта, која со тек на времето сѐ поизразено излегува на површина, велат од ДУИ.

Ова, според партијата на Ахмети, не е првпат Мицкоски вака да се однесува кон Албанците. 

„Тоа не е случајност. Тоа е израз на неговите лични преференции во политиката. Тоа е намерно потценување, овој пат на јавна сцена. Тоа е негов начин да покаже кој одлучува, а кој молчи. Или, како што и самите наоколу се фалат, тој го остварува своето предизборно ветување – „да им го покаже местото на Албанците во државава“. Не случајно Премиерот го дисциплинираше градоначалникот на прашањето за вработувањето на Албанците“. 

Оваа системска неправда, како што истакнуваат, се одвива во континуитет, и тоа е една од клучните политики за остварување на моноетничката доминација. 

„Прво го ставија Уставниот суд во полза на нивните предизборни ветувања и го укинаа Балансерот, потоа, без механизми за заштита од мајоризација, пристапија кон серија вработувања и унапредувања во сите институции без вработување на ниту еден Албанец со што полека се нормализира моноетничката доминација во администрацијата.
Албанците не го заслужуваат ова. Во Желино не беше понижен само еден човек, туку беше згазена Уставната децентрализација која е клучна придобивка за граѓаните од Рамковниот договор“. 

Премиерот, додаваат од ДУИ, ниту има ингеренции, ниту смее да си дозволува било какви обиди за „дисциплинирање“ на градоначалник кој е избран од граѓаните. Особено, нагласуваат од таму, е поразително што на јавна сцена гледаме политичари Албанци како молчат и толерираат навреда од човек кој ги презира на секој можен начин.

 
23.05.2025 - 09:39

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега