Калас: Преземете ги чекорите за отворање на пристапните преговори, ЕУ е тука да ја поддржи вашата земја

 

Европската Унија останува посветена на поддршката на Северна Македонија на нејзиниот пат кон полноправно членство во Унијата, порача високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас на заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски по средбата на Илинденска бр. 2.

„Штотуку имавме продуктивна средба на која разговаравме за повеќе важни теми. ЕУ останува со Северна Македонија. Вие сте првата земја во регионот која го потпиша партнерството за безбедност и мир, што обезбедува заедничка поддршка за Украина и за цела Европа,“ изјави Калас, нагласувајќи ја улогата на земјата како стабилен и сигурен партнер за регионалната безбедност.

Ја пофали Македонија како прва земја што почна да ги користи придобивките од новиот ЕУ план за раст за Западен Балкан, што, според неа, покажува сериозна посветеност на реформите и европската агенда.

„Северна Македонија припаѓа во Европската Унија. Вие веќе сте дел од нашата заедничка безбедносна политика, а тоа е од клучно значење во време на геополитички предизвици. Ве охрабрувам да останете на истиот пат и да ги преземете потребните чекори за отворање на пристапните преговори,“ порача Калас.

Таа ја изрази и поддршката на ЕУ за натамошна борба против корупцијата и зајакнување на владеењето на правото, оценувајќи дека тоа се фундаментални вредности за кои Унијата ќе продолжи да обезбедува поддршка – без разлика на политичкиот контекст.

„Северна Македонија се соочува со важен изборен процес и изборот ќе го направат граѓаните. ЕУ верува во иднината на регионот во европското семејство. Ајде да се придвижиме заедно – ЕУ останува покрај вас,“ заклучи Калас.

23.05.2025 - 13:14

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега