Американски доктори бараат хлорокинот и ивермектинот да се купуваат без рецепт

 

 

Неодамна Симон Голд, американска докторка и основач на „America’s Frontline Doctors“ („Американски доктори на првата линија“), на нивниот јутјуб канал повторно ја актуелизираше (не)дозволената слободна продажба на хидроксихлорокинот/хлорокин и ивермектинот во САД.

Хлорокинот односно хидроксихлорокинот главно се користат во лекување на маларија, лупус и ревматоиден артритис и беше потенцијален лек против Ковид-19, но клиничките испитувања беа прекинати од Светската здравствена организација, поради наводно несаканите ефекти, а ивермектинот е антипаразитски лек, кој денес се почесто се споменува како можно средство во борбата со канцерогените заболувања.

„Хидроксихлорокинот и хлорокинот нема сомневање дека се сосема безбедни лекови иако, за време на ковидот имаше многумина кои ве лажеа и ви кажуваа дека постојат ризици од неговата употреба“, вели д-р Голд додавајќи дека на други места како на пример, Африка и Јужна Америка, тие можат да се купат без рецепт и се сметаат како производи за нијанса посилни од витаминските суплементи.

„Во Америка немаме маларија, но имаме други состојби за кои не е потребно да се оди на специјалист, кои луѓето можат и сами да ги истражат. Меѓутоа, „Биг фарма“ (големите мултинационални фармацевтски компании), мислат дека нема да можат многу да заработат, ако за овие лекови нема да треба рецепт“, вели таа и бара, покрај овие два лека и ивермектинот да може да се набави без извештај од специјалист.

Иако, нагласува, болестите како лупус треба да бидат надгледувани од експерти, не мора за секоја доза на лековите да се бара рецепт.

Хидроксихлорокинот/хлорокин и ивермектинот, според неа, се неверојатни лекови со широк потенцијал, но тие се генерички лекови кои не се профитабилни за фармацевтската индустрија, немаат висока цена, не се брендирани, а и предизвикуваат големи трошоци за производителите, ако побараат да се ослободат од препишување на рецепт.

„Американските доктори на првата линија поднесоа иницијатива до американската Агенција за храна и лекови (ФДА) за конвертирање на овие лекови на рецепт во лекови без рецепт, но до сега само добивам известувања на секои шест до 12 месеци дека се уште немаат одлука за моето барање“, вели д-р Голд и како можно решение за оваа ситуација предлага да се активираат граѓаните.

„Постои механизам преку кој ние луѓето можеме да побараме од Владата да го направи овој лек без рецепт, а тоа е т.н. Граѓанска петиција до ФДА, иницијатива која што во минатото вродила со плод. Затоа, ве повикувам да ми се придружите и да ги направиме ивермектинот, хидроксихлорокинот и хлорокинот поедноставно достапни за сите граѓани кои имаат потреба од нив“, потенцира д-р Голд.

Инаку, оваа докторка го привлече светското внимание со видеото од прес-конференцијата на „Американски доктори на првата линија“ пред зградата на Врховниот суд на САД во јули 2020 година. Тогаш таа ги истакна придобивките од хидроксихлорокинот и покрај тврдењата на СЗО дека е неефикасен како третман за Ковид-19.

На петти јануари 2021 година пак, Голд зборуваше на митинг во Вашингтон, велејќи им на присутните да одбијат да се вакцинираат за Ковид-19, а следниот ден учествуваше во нападот на Капитол. Подоцна беше уапсена за учество во нападот, откако призна дека влегла во зградата. Таа на крајот се изјасни за виновна за федерален прекршок и беше осудена на 60 дена затвор и парична казна од 9.500 долари.

13.07.2025 - 14:52

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега