Полицијата се пресмета со скопјаните кои направија хаос - детали од големото апсење на Бит Пазар
Министерството за внатрешни работи во соработка со Јавното обвинителство го расчисти и документираше инцидентот кој се случи пред Нова година на Бит Пазар во Скопје. Во текот на вчерашниот ден беа идентификувани, лоцирани и приведени осум лица од Скопје кои на Бит Пазар ги нападнаа полициските службеници.
Kривични пријави си заработија скопјаните Н.А.(28), С.С.(32), А.Е.(37), С.А.(37), С.А.(32), Е.С.(37), М.Ш.(40) и Џ.Ф.(37), сите од Скопје, откако на 29. декември минатата година во непосредна близина на пешачкиот мост на Бит Пазар, Н.А. со нож прободел полициски службеник, а другите седумина пријавени спречувале полициски службеници на Единицата за прв одговор и интервенција-АЛФА да си ја вршат работата.
Како што информираат од МВР, за кривичното дело – “напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“, од страна на Судија во претходна постапка, на Н.А. му е изречена мерка притвор, додека на С.С., А.Е., С.А. и С.А. за сторено кривично дело – “спречување службено лице во вршење службено дејствие“ исто така им е одредена мерка притвор. За истото кривично дело на Е.С., М.Ш. и Џ.Ф. им е изречена мерка внимателност.
Инцидентот се случил на 29. декември околу 14 часот, во непосредна близина на пешачкиот мост на Бит Пазар, каде полициските АЛфи преземале службени дејствија за сузбивање на препродажба на пиротехнички средства и привеле две лица, кои на улица нелегално продавале пиротехнички средства. Во моментот кога приведените лица биле ставени во едно службено возило, а одземените нелегални пиротехнички средства во друго возило, се насобрала толпа од 500 до 700 луѓе, кои ја блокирале улицата во непосредна близина на аптеката „Зегин“, со што го оневозможиле движењето на полициските службеници.
-Во толпата биле сите пријавени, при што А.Н. со физичка сила прво почнал да турка еден полициски службеник, а потоа извадил метална палка и го удрил во пределот на коленото, а другите седумина пријавени спречувајќи ги полициските службеници во вршењето на нивната должност, овозможиле на толпата да ја земе запленетата пиротехника и да ги ослободи двете лица, кои претходно биле лишени од слобода. За да го одбие нападот од А.Н., како и од други лица од толпата, кои го влечеле и туркале, полицискиот службеник испукал два проектила во воздух за предупредување. Тогаш, А.Н. се повлекол и извадил нож, со кој на полицискиот службеник му нанел убодна рана во задниот дел од бутот, по што службеникот испукал уште два куршума во воздух за да го одбие од себе напаѓачот и масата, потсетуваат од МВР.
Бидејќи, нарушувањето на јавниот ред и мир било од поголем обем и било фрлано со тврди предмети и пиротехнички материјали кон АЛФА тимовите, при што полициски службеник се здобил со изгореница од прв степен на десна надколеница, од страна на неколку припадници на Единицата, како знак на предупредување биле испукани неколку проектили во воздух. По предупредувачкото пукање од полициските службеници, како и со доаѓањето на седум тимови на Единицата АЛФА на местото на настанот, ситуацијата била ставена под контрола, а толпата почнала да се повлекува низ пазарот и околните улици на Старата скопска чаршија.
Полицијата извршила увид на местото на настанот и подигнатиот материјал е предаден на вештачење, извршени се анкетирања на граѓани и очевидци, а од прегледот на видео записите за настанот, како и од превземените оперативно тактички мерки и активности утврден е идентитетот на пријавените. Од страна на припадници на Единицата за прв одговор и интервенција, извршено е препознавање, на кое со сигурност, како сторители се посочени осуммината скопјани.
Инаку, сите пријавени се познати сторители на деликти проследени со насилство, недозволена трговија со оружје, фалсификување пари и имотни деликти за што од надлежен Суд им се изречени затворски казни. На С.С. и С.А. им се изречени условни казни затвор за недозволена трговија со пиротехнички средства.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа