Пуштено во употреба повеќенаменско игралиште во село Могила

Министерот Иво Ивановски и директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески денеска го предадоа во употреба повеќенаменското игралиште во селото Добрушево, општина Могила.
Министерот Ивановски потенцира дека со проектите на Владата за развој на спортската инфраструктура се создаваат одлични услови за спортување на граѓаните низ целата држава.
- Нема населено место во кое Владата не инвестирала во изградба на спортски објекти. Тоа што во претходните години беше незамисливо да се види во руралните места, денеска е реалност, рече Ивановски.
Директорот Спасески информираше дека од проектот за изградба на 100 повеќенаменски игралишта низ целата држава, ова е 20-то кое се предава во употреба. Исто така, 29 игралишта се завршени и подготвени за отворање, а уште пет се во фаза на градба.
- Кога на тоа ќе се додадат 39-те тениски терени кои се изградени и 28-те кои се во фаза на градба, слободно може да констатираме дека ја менуваме спортската мапа во нашата држава, потенцира Спасески.
Со реализацијата на капиталните проекти во делот на спортот, Владата заокружува концепт за создавање здрава младина и овозможува одлична превентива за борба против пороците на современото живеење, истакна Спасески.
Игралиштето во селото Добрушево е со димензии 45x28 метри и ќе може да се користи за играње мал фудбал, серва, кошарка, ракомет, тенис и други игри. Тоа треба да биде место кое ќе претставува одлична поддршка за сите спортисти и сите граѓани на општината. За изградбата на игралиштето во Добрушево беа издвоени 7,5 милиони денари.
10.11.2014 - 14:06
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа