Бесими во Брисел: Македонците и Албанците се заедно за прашањето за името и иднината на земјата

 

 Прашањето за името и евроатлантската перспектива на Македонија ги загрижува сите граѓани на земјата, без разлика на нивната националност. Неточни се гласините дека албанските претставници во Владата не се заинтересирани исто како и македонската заедница оти интересот за земјата е идентичен, сите сакаме да напредува, да биде членка на ЕУ и НАТО и заедно сме во ова.

Ова е клучната порака на заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за евроинтеграции Фатмир Бесими, дадена на денешниот политички брифинг „Македонската европска иднина - проспекти и предизвици” организиран од Европскиот центар за политики (ЕПЦ) во Брисел.

Како што јавува дописникот на МИА од европската престолнина, настапот на Бесими предизвика огромно внимание и салата во познатата „Ресиденс палас” беше претесна да ги прими сите заинтересирани на политичкито брифинг. Вицепремиерот, пак, отворено говореше за сите прашања што се поврзани со македонската евро-атлантска интеграција, притоа потенцирајќи дека Европската унија ќе донесе посилна социјална кохезија во Македонија, од што, според него, бенефит ќе имаат двете заедници, укажувајќи дека од претходната 80-процентна поддршка на ЕУ-интеграциите во земјата, сега паднала на 60 проценти што се уште е висок процент.

- ЕУ-перспективата е иднина на земјата и регионот и вреди да се работи за тоа. Ние мислиме дека европска иднина е подобра за земјата, посебно што сите земји од Балканот имаат заеднички посткомунистички период, мултиетнички и мултикултурен контекст, голема историја во минатото, па затоа треба само да гледаме напред кон заедничка иднина. Од војните во 90-тите години на минатиот век, денеска сите заедно во регионот работиме во мир и со евро-атлантската иднина како цел, посочи Бесими во неговиот настап.

Македонскиот вицепремиер истакна дека процесот на пристапување кон Унијата носи многу предизвици, не е секогаш лесен. Тој потсети дека земјата од 2005 година е кандидат, а од 2009 година добива позитивни препораки од Европската комисија да ги започне пристапните преговори, посебно што Македонија е прва земја која потпиша Договор за стабилизација и асоцијација и годинава слави десетгодишна од имплементаицја на овој договор и очекува да влезе во втората фаза.

- Ова покажува дека посветеноста е силна во однос на евроинтеграциската иднина на земјата. За нашето општество е важно и целосното спроведување на Охридскито договор по конфликтот во 2001, работиме на спроведување на европските вредности стандарди и билдање на демократските институции во земјата. Ако се успори процесот, многу е лесно истиот да не се успее и затоа гледаме на евроинтеграцијата на регионот како на предизвик, за што не потсетуваат и настаните во Босна и Херцеговина, Црна Гора, како и некои инциденти во нашата земја од блиското минато. Затоа, евроинтеграцијата на Македонија ја гледаме како заеднички проект на ЕУ и нашата земја, оти не води заедничка мотивација, иста идеја, потенцираше Бесими.

Заменик-претседателот за евроинтеграции во македонската Влада потсети дека постојат предизвици од политичко гледиште, па затоа е покренат дијалог со медиумите и новинарите, прашања за почитување на функционирањето на инстутициите и спроведување на потребните реформи во однос на Изборниот законик. Тој рече дека тој заеднички дијалог е со цел Македонија да биде успешна во Европа.

Бесими истакна дека цената од приклучување кон ЕУ е подобра од цената за неприклучувањето кон Унијата. Според него, Македонија сака да ги реши отворените билатерални прашања со соседите Грција и Бугарија, при што секогаш се обидува да биде констурктивна во тој поглед. Тој посочи дека рамката на преговори под капата на Обединетите нации трае предолго и дека е потребна поинтензивна комуникација, посуштинска дискусија и состаноци на високо ниво.

- Ако две страни имаат проблем, тогаш треба да станат двајца партнери кои ќе дојдат до решение. Македонија работи на градење на демократски вредности како идна членка на ЕУ и НАТО, рече Бесими.

На провокација од француски новинар дека Скопје со сите градби и споменици денеска наликува на „христијански Дизниленд”, Бесими одговори дека тој е етнички Албанец и либерален муслиман, но дека од својата позиција ги претставува сите граѓани и Владата на Република Макеоднија. Па, во контекст на проектот „Скопје 2014” во однос на архитектурата, тој посочи дека е прашање е на вкус, за тоа дали некому му се допаѓа или не.

- Мора да размислуваме да имаме констурктивност и зголемување на регионалната соработка, не да се креираат провокации со соседите. Но, постојат многу културни различности и долга историја, па со почит на тоа, ние мислиме дека е важно да се има проект кој е инклузивен и конструктивен за креирање на добра база за регионална соработка, одговори Бесими.

Во однос на прашање за неуспешниот попис од пред две години и дали и кога може да се очекува попишување на граѓаните во Република Македонија, вице-премиерот за евроинтеграции истакна дека тој нема одговор, но дека е сигурно оти годинава нема да има, со оглед на тоа што не се издвоено средства во буџет за оваа намена.

Посочувајќи дека кога се говори за историјата, треба да се има почит за сите народи и држави, Бесими истакна дека не треба никому да му се суди иднината поради историјата. Тој рече дека не може да се смени историјата и минатото, но може иднината. Притоа, како пример ги издвои реално одличните врски на Македонија и Грција во однос на економската соработка, посочувајќи дека, според него, најголемата банка во Македонија е во грчка сопственост, дека единствената рефинерија во земјата е грчка, дека огромен број на македонски туристи секоја година одат на годишен одмор во Грција, како и дека 95 проценти од ИПА-фондовите за прекугранична соработка се искористени во соработка со нашиот јужен сосед.

- В четврток во Скопје ќе пристигне министерот за надворешни работи работи на Грција Евангелос Венизелос, како претседавач со Европската унија. Мора да го смениме начинот на размислување во двете земји. Да бидеме поконструктивни и што порано го решиме спорот, тоа ќе биде подобро, рече Бесими.

Во однос на прашање за името, тој потсети дека постои идеја, мисла или предлог од страна на медијаторот Метју Нимиц, што според него не е одбиено од македонска страна. Тоа, според Бесими е добра база да се продолжи да се преговара, да се гради доверба и да се избегнат надворешни ефекти на провокација. Според него, потребни се состаноци на високо ниво и дека иако се работи за билатерално прашање, сепак решението ќе биде мултилатерално и такви може да бидат импликациите.

- Ни треба поддршка од меѓународна заедница, ЕУ, за заедно да успееме, оти на крајот на денот, македонското членство во ЕУ и НАТО ќе биде регионален успех за сите. Да работиме како овој успех да биде задоволителен за двете страни. Да најдеме решение со кое би можеле да живееме, посочи Бесими.

Заменик претседателот на Владата на Република Македонија се осврна и на бугарско-македонскиот договор за добрососедство, за кој според него има интензивни разговори, има состаноци меѓу министрите за надворешни работи на двете земји и дека иако остануваат некои прашања да се разјаснат, добра вест е дека има комуникација.

На крајот од дебатата, македонскиот вицепремиер истакна дека земјата се подготвува за претседателските избори, но дека не се исклучени и предвремени парламентарни избори, посебно што идната година се редовните, па вака во еден пакет со претседателските тие би обезбедиле заштеда на средства што би се потрошиле ако изборите се одржат за помалку од една година. Тој, исто така, потсети дека македонската Влада силно работи на имплементирање на европските реформи, но дека е потребно да почнеме преговори за членство во ЕУ. Потсетувајќи дека економски државата е стабилна и рече дека ако почне официјални пристапни преговори, на Македонија би и требале околу пет години да ги заврши и дека е можно пред 2020 година, да стане дел од Унијата.

18.02.2014 - 13:37
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега