Со фиктивна продажба на горива правеле поврат на данок: Детали за големата акција на ОЈО за ГОКК и Финансова полиција

 

Седум приведени од вкупно 13 лица колку што се опфатени во истрагата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) во денешната акција која истражните органи ја извршија на територија на повеќе општини низ државата. Четворица од опфатените во истрагата се косовски, а еден е државјанин на Република Хрватска.

Полицијата сѐ уште трага по петмина странски државјани и еден македонски државјанин. Сите приведени заработија ефективен притвор во времетраење од 30 дена. 

Предметот на ОЈОГОКК е резултат на двегодишна предистражна постапка. Предистрагата била водена во тесна соработка Управата за финансиска полиција. 

Како што предмалку соопшти Обвинителството, во период од 2014 до 2023 година 13-члената група креирала мрежа на правни субјекти. Се збогатиле правејќи голема штета во државниот Буџет со даночно затајување, даночна измама и перење на пари.

Компаниите вршеле продажба и фиктивна трговија со нафтени деривати. Изготвувани биле и фактури со невисинита содржина. На тој начин тие избегнувале плаќање на даночно обврски, а остварувале и незаконски поврат на ДДВ.

-Преку правни лица што не поседуваат дозволи за трговија со нафтени деривати се вршела набавка, транспорт и продажба на Еуросупер, Еуродизел и Екстралесно гориво, со намера да избегнат целосно или делумно плаќање на законски предвидените даночни обврски. Продажбата во поголем број случаи се одвивала без издавање на фискални сметки и фактури, а средствата прибрани во готово не биле евидентирани во сметководствената документација. Осомничените странски државјани, кои формално биле назначени за одговорни лица во повеќе осомничени правни субјекти, немале регулиран престој во земјава, што организаторите на групата го користеле како начин за прикривање на нивната поврзаност со криминалното дејствување, велат од Јавното обвинителство.

Преносот на парите бил клучен за нивниот профит.

-Воедно, организаторите на групата, од продадените нафтени деривати во готово пуштиле во оптек, примиле пари и извршиле пренос на паричните средства со намера да го прикријат нивното движење, со што се стекнале со противправна имотна корист во големи размери, а за која знаеле дека е прибавена со кривичното дело Даночно затајување, при што сториле и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело, велат од ОЈОГОКК.

Претходно Финансиската полиција соопшти дека групата имала намера да се стекне со имотна корист од над 430 милиони денари, или некаде околу 7 милиони евра. Во акцијата на ОЈОГОКК и Финансиската полиција асистенција пружија и припадниците на специјалната единица САЕ „Тигар“.

25.08.2025 - 18:40

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега