Филков за Press24: Коцевски не треба да ја игнорира волјата на граѓаните

 

Не мислам дека е добро било кој именуван функционер да ја игнорира волјата на граѓаните изразена преку нивните претставници во Законодавниот дом. Наш приоритет е враќањето на довербата во правосудниот систем и зачувување на неговата независност и интегритет.

Ова го изјави министерот за правда, Игор Филков во интервју за „Press24“.

Прашан за оставката на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, Филков смета дека таа требала порано да си поднесе оставка, уште со објавувањето на обвинението, а не да чека јавен притисок и медиумски скандал.

Министерот за правда смета дека во наредниот предизборен период нема да запре Реформскиот процес бидејќи Законодавниот дом ќе продолжи да работи. 

PRESS24: Министре, најголемиот дел од реформските закони веќе се доставени до Влада, но претстојат локални избори. Дали тоа ќе го забави реформскиот процес, и кога ќе продолжите со полн интензитет?

Да бидеме сосема јасни за граѓаните, Собранието работи и во изборниот период.  Реформскиот процес не застанува, продолжуваме со полн интензитет. Да повториме, досега во владина процедура се поднесени  седум закони од Реформската агенда и уште четири кои се дел од Владината програма.

Кога се работи на суштински закони кои се од интерес на сите граѓани, ние како Министерство за правда процесите ги водиме транспарентно, отчетно, со вклучување на сите релевантни чинители кои што може да дадат придонес. Нашата заложба за транспарентност веќе е признаена од Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер , каде Министерството за правда високо котира во првата графа со многу добра транспарентност.

Нашата цел не е брзина по секоја цена, туку суштински и одржливи реформи. Тоа го должиме на граѓаните, и на процесот кон приближување кон ЕУ.

PRESS24: Најавивте кратки, брзи измени на Кривичниот законик. До каде е процесот за нивно носење?

Се работи на доусогласување со Министерството за внатрешни работи за кривичното дело „Безобзирно управување со моторно возило“ по што измените ќе влезат во владина процедура. Паралелно се работи и на нов Кривичен законик кој ќе биде готов до крајот на годината.

PRESS24: Во Собранието се изгласа  интерпелација на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, но тој изјави дека нема намера да си поднесе оставка. Како ќе постапи Владата по ова прашање?

-Министерството  за правда досега во неколку наврати излезе со став околу целокупните состојби во Јавното обвинителство. Довербата изразена преку бројки останува  загрижувачка и ние во рамките на нашите ингеренции работиме на подобрување на законските решенија што беше наша првична заложба од самиот почеток. Интерпелацијата сама по себе не би ја коментирал, но секако сметам дека е силен показател за тоа во кој правец би требало да се движат работите.

Не мислам дека е добро било кој именуван функционер да ја игнорира волјата на граѓаните изразена преку нивните претставници во Законодавниот дом. Наш приоритет е враќањето на довербата во правосудниот систем и зачувување на неговата независност и интегритет. Како Влада, сме цврсто  решени да  не дозволиме обвинителството да биде перципирано – а уште помалку да функционира – како инструмент на било која политичка партија. Обвинителството мора да биде независно, професионално и ослободено од било какви притисоци, без разлика од каде доаѓаат.

Неодговорени останаа голем број случаи, особено оние што се однесуваат на висока корупција, што уште повеќе ја поттикнува перцепцијата дека правдата се применува селективно. Тоа директно го нарушува кредибилитетот на обвинителството. Не може да зборуваме за правна држава додека постои сенка на сомнеж за политичко влијание во носењето на обвинителски одлуки.  Без самостојно и непристрасно обвинителство, нема ниту правна држава, ниту вистински напредок.

PRESS24: Претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска, поднесе оставка откако беше обвинета за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.Распишан е оглас за нов претседател на највисокото антикорупциско тело во државата. Како е можно  првиот антикорупционер наместо да се бори против корупцијата -да го крши законот?

-Ова е крајно сериозен случај – првиот антикорупционер на државата, личноста  која требаше да биде чуварот на интегритетот, сега е  обвинета за кршење на законот, за злоупотреба на доверливи информации и за фалсификување документи. Тоа е голем удар врз довербата во институцијата која треба да биде сржта на борбата против корупцијата.

Кога претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата е вплеткан во потенцијален корупциски скандал, тоа покажува колку е длабока потребата за прочистување на системот. 

Оставката на Димитровска е чекор што требаше да се случи веднаш по обелоденувањето на обвинението – а не под јавен притисок и медиумски скандал. 

Сега, на потег е Собранието. Да го заврши процесот и да го отвори патот за избор на ново,  лице со кредибилитет кое ќе  раководи со  ДКСК. Потребна е  транспарентна и стручна постапка. Повеќе нема простор за компромис со кредибилитетот – граѓаните имаат право на институции што ќе штитат јавен интерес, а не лични или партиски агенди.Овој момент треба да биде пресвртница. Ако и антикорупционерот падне на тестот на интегритет – тогаш системот мора да се рестартира. И тоа мора да се случи. Решително и до крај.

PRESS24: Владечкото мнозинство го предложи Фатон Селами за нов народен правобранител, но јавноста реагира поради неговата партиска ангажираност. Кој е вашиот став како министер за правда – дали овој избор може да го врати кредибилитетот на институцијата?

-Позицијата на Народниот правобранител е исклучително важна институција за заштита на човековите права и слободи, и затоа изборот мора да се води со највисоко внимание и одговорност. Свесни сме дека јавноста е чувствителна на било какви индиции за политичко влијание врз институциите кои треба да бидат независни – и тоа е сосема легитимна и здрава реакција.

Во конкретниот случај, кандидатот Фатон Селами има  професионално искуство токму во Канцеларијата на Народниот правобранител, каде работел на предмети што директно се однесуваат на заштитата на граѓаните. Има положено правосуден и нотарски испит, има магистрирано на тема поврзана со потрошувачките права и човековите права, и има работено и во државната администрација, вклучително и во Министерството за правда.  Во моментов тој е раководител на подрачното одделение на Министерството за правда во Тетово каде работи на обезбедувањето на бесплатна правна помош за ранливите категории на граѓани која е тесно поврзана со човековите права за пристап до правда. Тоа се релевантни квалификации кои не смеат да се занемарат.

Што се однесува до неговата  политичка ангажираност – секој кандидат треба да биде подготвен да ја напушти секоја форма на партиска активност во моментот кога стапува на ваква функција, која подразбира целосна независност и непристрасност. Тоа е обврска пред јавноста, а не само формалност. 

Процедурата предвидува и подддршка од пратениците на заедниците , што значи дека е потребно Бадентерово мнозинство при гласањето. Тоа самото по себе бара поширок политички и етнички консензус, што дополнително гарантира балансираност во изборот.

PRESS24: Претстојат локални избори, ЗНАМ ќе настапи со самостојни советнички листи а за градоначалник најавивте соработка со ВМРО ДПМНЕ? Започнавте и со  посети на терен, кои се очекувањата на граѓаните? 

-Да, ЗНАМ ќе настапи со свои, самостојни советнички листи во голем дел од  општините.  Тоа е важен сигнал дека градиме своја политичка структура, со луѓе кои се препознаени во локалната заедница. Доказ за тоа е што последните осум  месеци ЗНАМ прерасна во сериозна партија со свои  ограноци во дури 54 општини што укажува на фактот дека сме најбрзо растечка политичка партија  на македонската политичка сцена во последните неколку децении. Довербата на граѓаните расте секојдневно а нашето членство станува се побројно.

Кога станува збор за кандидатите за градоначалници, отворени сме за соработка – и веќе најавивме заеднички настап со ВМРО-ДПМНЕ во дел од општините, каде што има јасна поддршка за заеднички кандидат. Нашата цел е победа и суштинска промена во локалното управување. Уверени сме дека ќе имаме свои градоначалници, почнувајќи од Куманово и Центар но и во некои други општини.

Со теренски активности веќе започнавме – се среќаваме директно со граѓаните, слушаме, бележиме и преземаме. Очекувањата се јасни: повеќе работа, помалку популизам, и конечно локална власт која решава, а не само ветува.

Имаме план, имаме луѓе, имаме поддршка. Овие локални избори нема да бидат само обични избори, туку ќе бидат своевиден референдум  во која насока ќе се движи државата. Промените кои веќе се започнати на централно ниво, ќе бидат пресликани и на локално ниво. Конечно, со реализација на конкретни решенија ќе се придвижиме напред   и на граѓаните ќе им овозможиме подобар пристап на локално ниво.

Доаѓа ново време, следува стабилност и просперитет.

 

09.08.2025 - 11:27

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега