Заврши годишниот одмор: Пратениците се враќаат на работа

 


Годишниот одмор за пратениците официјално заврши. Работата на законодавниот дом започнува денеска со средба на претседателот на Собранието Африм Гаши со собраниските известувачи, на која ќе информира за тековните активности во законодавниот дом, по редовната координација со координаторите на пратеничките групи. Освен брифингот со новинарите, на собраниската веб страна нема најави за други активности сѐ до крајот на неделата.

Одморот на пратениците беше прекинат на 16 август кога беше свикана итна седница за Предлог на законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка кој не помина поради немање на Бадентерово мнозинство. Претходно, на 13 август седница одржа и Комисијата за прашања на изборите и именувањата, која формира Комисија за селекција на кандидатите за претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата. Вообичаено одморот на пратениците започнува по Националниот празник Илинден.

Претседателот на Собранието Гаши на 9 август ги распиша локалните избори за 19 октомври. Се очекува Собранието да одржува пленарни седници и седници на комисиите до пред почетокот на кампањата за локалните избори на 29 септември.    

На последниот брифинг со новинарите претседателот на Собранието потсети дека законодавниот дом е во постојано заседание и дека доколку е потребно пратениците ќе бидат повикани за седници.

25.08.2025 - 08:53

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега