Аболицираниот Заев останува на чело на СДСМ
Човекот кој делеше тендери на роднини, се закануваше дека ќе јаде живи луѓе и ќе се пука, аболициран од Бранко Црвенковски за криминал од 8 милиони евра останува лидер на најголемата опозициска партија пренесува Курир.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев ја доби довербата на синоќешниот Конгрес на најголемата опозициска партија. Поддршка за Заев дале 413 делегати, додека против гласале 176. И покрај катастрофалниот пораз на предвремените парламентарни избори со 200.000 гласа разлика, што е втор во историјата бидејќи потежок пораз има доживеано само Шекеринска во 2008 година, двоецот на СДСМ остана на чело на партијата.
Заев го носи товарот на криминалната приватизација, скандали и афери во кои тој и актуелните членови на раководството на СДСМ беа клучните актери во владеењето на Црвенковски и СДСМ. Но, тука е и аболицијата на Заев од страна на Црвенковски за криминал од 8 милиони евра, десетиците случаи на тендери и афери доделени на негови роднини, браќа, братучеди, афери кои се провлекуваат во неговото управување во Струмица како аферите на останатото раководство на СДСМ.
Приказната за Зоран Заев за подобро информираната политичка јавност почнува во 2003 година кога станува пратеник на СДСМ во македонското собрание. Дипломираниот економист на скопскиот Економски факултет и несудениот магистер по монетарна економија и финансии останува пратеник до 2005 година кога првпат станува градоначалник на Струмица. Во својата кариера никогаш не стана познат по проекти и идеи поврзани со монетарната економија и финансиите, но затоа во својот роден град во своите дваесетти години вршел неколку функции. Член на СДСМ е од 1996 година, по што бил директор на фирмата „Тргопродукт“, член на Управен одбор на штедилницата „Пеон“, бил член на Управен одбор на семејната фирма „ИГМ – Еленица“ и претседател на Управен одбор на јавното претпријатие „Комуналец“ во Струмица, анализираше неодамнa неделникот „Република“.
На широката јавност Зоран Заев ѝ станува познат на 17 јули 2008 година кога заедно со уште петмина соработници е уапсен поради злоупотреба на службената положба во врска со изградбата на трговскиот центар „Глобал“ во Струмица.
Случајот заврши со аболицијата потпишана од страна на тогашниот претседател Бранко Црвенковски. Со одлуката на претседателот, кој, во согласност со тогашните законски можности кои му даваа дискреционо право, ги ослободи Зоран Заев и неговите соработници, обвинувањата против него никогаш не доживеаја судска разврска, а дилемата дали Заев го прекршил законот засекогаш остана да лебди во воздухот.
Во септември истата година, кога беше уапсен за случајот „Глобал“, Заев стана вршител на должноста претседател на СДСМ или, како што го нарече опозицијата, чувар на фотелјата на Бранко Црвенковски додека тој е претседател на државата. Веднаш по прекинот на функцијата на Црвенковски, Заев си оди од партиската позиција и станува потпретседател. Во 2009 година вторпат победува во трката за градоначалник на Струмица.
По повлекувањето на Црвенковски од партијата, на конгресот на СДСМ во мај 2013 година Заев добива најмногу гласови и конечно станува претседател на најголемата опозициска партија.
Од виткање на кичмата до јадење на живи луѓе
Покрај ова, низа скандалозни изјави, гафови, непринципиелни ставови кога во прашање се националните и државните интереси се провлекуваат зад името на Заев. Лидерот на СДСМ има и контроверзен став во однос на името, изјавувајќи дека треба да се свитка кичмата за да се постигне решение и компромис со јужниот сосед.
-Она на што можеме да се согласиме е отстапница во делот на меѓународната употреба на името во сите меѓународни институци и мислам дека овде треба некој пат и да “свиткаме кичма“, како што знаат старите да кажат, изјави Заев во август 2008 година.
Исто така, Заев стана познат и по снимената изјава дека во Македонија ќе има пукање, која ја даде по повод настаните на 24 декември, кога СДСМ на сила сакасе да го узурпира Парламентот.
-Најверојатно ќе нема избори но треба да се подготвуваме како да ги има. Оти после ова што се случи во Собранието, ние немаме намера ниту да учествуваме на избори, ниту да поднесуваме кандидатски листи. А при ваков случај ако тие сами учествуваат на избори ќе има пукање. Ама треба да се спремаме како да има избори, рече Заев во телефонскиот разговор.
Во јавноста остана запамтена и изјавата дека кога ќе дојде на власт ќе има бркање од работа од чистачка до раководител, како и дека живи луѓе има да се јадат.
- Кога се дружите со нив велат вие сте меки, вие заборавате, ќе помине времето и ќе бидете пак исти, ве знаеме. Да им кажете беше Заев, апсениот Заев и дека живи луѓе ќе јадеме после тоа. Новиот концепт, кој сé повеќе ќе го слушате, ќе значи намалување и целосно кастрење на администрацијата, од една страна ќе значи и отворање на наши работни места, за нашите луѓе... ако сме успеале во ова време сите наши активисти да ги згрижиме со минимум барем еден член од нивното семејство, сега поминавме во фаза да ги згрижиме и нивните братучеди рече лидерот на СДСМ, тогаш во фунција на потпретседател на партијата.
Секако, последното по кое беше актуелен се тендерите кои Заев како градоначалник ги делеше на фирми од неговото семејство, негов брат, братучеди, роднини и бизнис пријатели. Згора над тоа, јавноста го запамети Зоран Заев и по тоа што е човек кој се “залага“ за средната класа, а кој самиот признава дека неговото семејство има имот вреден 5 до 6 милиони евра, без да прецизира колку точно вреди капиталот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа