Венизелос говорел за спорот со името во Вашингтон
Евангелос Венизелос синоќа со своите соговорници во Вашингтон разговарал за грчко-македонскиот спор за името. Тој своите соговорници детално ги информирал за грчките ставови околу овој долгогодишен проблем.
- На надворешен и безбедносен план Грција секогаш е фактор на стабилност за нашата област на Западниот Балкан и источното Средоземно Море. Со САД делиме исти вредности и соработуваме на овие прашања, изјави Венизелос пред средбата со Кери.
Во своите коментари по средбата со Кери, Венизелос најави дека за Грција, од регионалните проблеми кои се поврзани со неа, приоритет е статусот на Кипар. Венизелос навести дека се залага за неподелен суверенитет и државјанство на Кипар, со признавање на двете заедници – грчката и турската – кои живеат на островот. На Грција и на Кипар им се брза да се реши ова прашање, по откривањето на резерви на нафта и природен гас во водите јужно од островот. Така, еден од приоритетите кои Грција го одбра за своето претседавање со Европската Унија, е европската морска политика, пред се во сферата на разграничувањето на територијалните води и користењето на енергетските ресурси. Сепак, став на САД е дека енергетските ресурси околу Кипар не можат да се експлоатираат пред да се изнајде политичко решение меѓу кипарските Грци и Турци, вклучително и договор за поделба на евентуалните приходи. Грчката делегација на новинарите им најави дека е можна скорешна средба во Обединетите нации за статусот на Кипар. Преговорите за островот се попречени по најавите дека австралискиот дипломат Александар Даунер, кој е посредник меѓу Грците и Турците, планира да крене раце од решавање на спорот околу Кипар, поради острите коментари упатени на негова сметка од грчкиот кипарски претседател Никос Анастасијадес.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа