Филмскиот Фонд ќе поддржи снимање на 78 филмски проекти

 

Филмскиот Фонд на Република Македонија на последната седница ја усвои Годишната Програма за финансирање на филмски проекти од национален интерес за 2014 година, согласно последниот распишан конкурс од страна на фондот.

На последниот конкурс беа пријавени вкупно 78 филмски проекти, односно 28 долгометражни филмови, 20 документарни филмови, 28 кратки филмови и 2 анимирани филмови.

Според програмата, објавена на веб-страницата www.filmfund.gov.mk, поддршка за снимање ќе добијат девет долгометражни играни филмови, од кои со највисока сума (по 30 милиони денари) ќе бидат поддржани „Кога денот немаше име“ на режисерката Теона Стругар-Митевска, „Цар Самоил“ на Антонио Митриќески и „Чекај ме (Сведок)“ на Митко Панов.

По 12 милиони денари ќе добијат долгометражните „Златна петорка“ на Горан Тренчовски, „Омниблуз“ на Александар Русјаков и „Септември“ на Даријан Пејовски, а по 5 милиони денари филмовите „Татко“ во режија на Висар Морина, „Шишка Де Лукс“ на Јан Цвитковиќ и „Бодликаво прасе“ на Срѓан Драгојевиќ.

Агенцијата за филм ќе поддржи седум документарци - „Пожарникарот Муци“ во режија на Саша Станишиќ (600.000 денари), „Осветлената темнина“ на Арсим Фазлија и „Опера“ на Бајрам Бајрами (по 900.000 денари), „ТАТ (Транзициска еуфорија или национална измама“ во режија на Сашо Миленковски (1.200.000 денари), „Берн Берн“ на Сабидин Али и „8/Македонска чалгиска традиција“ на Блаже Дулев (по 2.000.000. денари) и „Амфитеатарот на Скупи“ на режисерот Владимир Блажевски (3.000.000 денари).

Осум кратки играни филмови ќе добијат финансиска поддршка: по 900.000 денари „Земја“ на Ибрахим Деари, „Карма“ на Владимир Митревски, „Касапот“ на Илчо Царовски и „Пепи и Муто“ во режија на Георги Унковски, а со по 2.000.000 денари ќе бидат поддржани: „Денот кога сакав да умрам“ на Петар Џуровски, „Аида“ во режија на  Сенад Абдули, „Секој ден мора да се јаде“ на Марко Ѓоковиќ и „Роденден“ на Косара Митиќ.

Агенцијата ќе финансира и два анимирани филма: „Девојката што паѓа“ во режија на Владимир Лукаш и 800.000 денари и „Готлиб“ на Крсте Господиновски и 900.000 денари.

Според новиот Закон за филмска дејност, кој  стапи во сила на почетокот на годинава, Агенција за филм на Република Македонија еднаш годишно (јануари) ќе распишува конкурс за финансирање филмски проекти. Тој ќе трае во текот на целата година,  а по конкурсот ќе одлучува двапати годишно, во април и во октомври. 

Со новиот закон,  пошироки се ингеренциите и активностите во филмската дејност, вклучувајќи и грижа за дистрибуцијата на филмови,  киноприкажувачката дејност,  воведување единствена евиденција на податоци за филмската дејност, категоризација на филмови заради заштита на малолетни лица, продукциски олеснувања со цел поттикнување на вложување средства во нови филмови...

- Агенцијата за филм со новиот закон очекува да се зголеми бројот на продуцирани филмови, да се зголемат средствата кои ќе се доделуваат, но вооедно и очекува филмаџиите да понудат многу нови свежи идеи интересни за пошироката публика, како комедии, филмови за деца и млади, но и филмови инспирирани од нашето поблиско и подалечно историско минато, филмови кои ќе бидат интересни за домашната публика и атрактивни за меѓународните филмски фестивали. Од друга страна,  Агенцијата за филм ќе продолжи со вложување во развој на киномрежата во Македонија каде во изминатиот период беа набавени дигитални проектори за 20 града. Интенцијата на Агенцијата за филм ќе биде филмовите да стигнат до што поширока публика низ целата земја, соопшти Агенцијата за филм. 

 

 

10.01.2014 - 11:57

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега