Велковски: Без вакцина нема градинка - инспекциите се на терен

 

Министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски истакна дека согласно надлежностите кои ги имаат како Министерство постапуваат вршејќи инскекциски надзори во градинките околу детектирањето на невакцинираните деца за да не се прошири болеста голема кашлица. 

-Согласно она што го имаме како надлежност, ние веќе како Министерство постапуваме. Што значи тоа? Инпекциските служби кои се задолжени ги посетуваат редовно и вршат инспекциски надзори во рамките на градинките, веќе тоа го прават и по својата надлежност. Така што, како поминуваат инспекциските служби, а тие се секојдневно на терен по редовни или вонредни инспекциски надзори, тие прават контроли каде што го опфаќаат и делот на проверка на досиејата на дечињата што се запишани, односно во истиот треба согласно правилникот да постои вакцинален картон со сите примени вакцини, согласно возраста на детето кое е примено во градинката, рече Велковски при денешната посета на поранешниот објект на ЈУ за згрижување и воспитување на деца и младиннци „Ранка Милановиќ“.

Велковски нагласи дека статистичките податоците за тоа колку деца не ја примиле вакцината за големата кашлица, ќе ги добиваат согласно извештаите кои инспекциските служби ќе ги доставуваат до Инспекцискиот совет и до МТСП.

-Статистички податоци ќе бидат извадени согласно извештаите кои инспекциските служби ги доставуваат и до Инспекцискиот совет и до нас. Меѓутоа, во моментов правиме котрола за да нема дечиња кои се присутни, а ги немаат сите документи во прилог на досието. Значи, тоа е првиот начин каде што треба да го спречиме, да нема одредено проширување во моментов и дечиња кои не се вакцинирани да бидат примени во градинка. Тоа ни е првиот основ и таму може да ги спречиме и да ги застанеме работите да не одат по некоја нагорна линија на прогрес на оваа болест, рече Велковски.

Во последните седум дена, од 9 до 15 февруари се пријавени 17 нови случаи на голема кашлица, со зголемување од 21 отсто во однос на претходниот неделен период за пријавување, покажуваат податоците од  неделниот извештај на Институтот за јавно здравје(ИЈЗ).

Од ИЈЗ информираа дека сите пријавени случаи се од Скопје, а најголем број се од возрасната група од 10 до 19 години. Според податоците на ИЈЗ, од новите 17 случаи, пет случаи се хоспитализирани, од кои три деца на возраст до четири години, и по едно во возрасна група од 5 до 9 години и од 10 до 14 години.

 

Првиот пријавен случај со голема кашлица беше јануари годинава. Заклучно со 15 февруари во ИЈЗ се регистрирани вкупно 39 случаи на голема кашлица.

19.02.2024 - 16:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега