Стојановска Стефанова: Владините институции мора да работат слободно и професионално

Државни институции треба да работат за заштита на правата на граѓаните. Владините институции мора да работат слободно и професионално и да бидат посветени на спроведувањето фер, слободни и демократски избори, вели Анета Стојановска Стефановска од ВМРО-ДПМНЕ.

-Но за жал, со денови по ред слушаме дека владини пари се доделиле на невладините организации. Според официјално достапните информации, Министерството за финансии на 5 октомври, во втората недела од изборната кампања, распределило близу 5 милиони денари на сметките на невладините организации како капитални субвенции. Претходно откако се распишани изборите Владата на невладините организации им распределила и сума од близу 1 милион евра. Сумите кои се префрлени се високи, а одговор од владата се уште нема. Министерството за финансии молчи за овие финансиски трансфери, потенцира Стојановска Стефановска.

Таа додава и дека јавноста во духот на транспарентно и демократско работење очекува министерот Тевдовски јавно да одговори: За која цел, Министерството за финансии токму на 5 октомври, во средина на изборната кампања, доделило близу 5 милиони денари на невладиниот сектор? Какви проекти понудиле овие невладини организации? По кои критериуми биле распределени средствата? Дали средствата се доделуваат во изборна кампања за да го замолчат невладиниот сектор од реакции за изборните насилства? Дали средствата се доделуваат во изборна кампања за можна трговија со гласови кај ранливи групи? Дали во министерството добиле согласност од Антикорупциската Комисија за префрлање на парични средства на НВО во период на изборна кампања?

-Молкот на институциите раѓа сомнеж. Власта која се стреми да се декларира како демократска, не смее да се обиде преку доделување на финансиски средства да го инструментализира невладиниот сектор. Секогаш кога невладиниот сектор добива финансии од владата, тој во истиот момент станува одговорен пред неа, со што ја губи својата слобода и независност и влегува во самоцензура, што пак, ја компромитира позицијата на невладините организации во очите на јавноста. Не треба да заборавиме дека воспоставено цивилно општество треба да е противтежа и ограничувачки фактор на носителите на државната власт, да не се наметнат било какви недемократски форми над општеството. Оттука, невладиниот сектор претставува значаен фактор за развој, поддршка и унапредување на државата и правата на поединецот во неа. Владините институции и парите на граѓаните не смеат да се злоупотребуваат во предизборни тесно партиски цели. Одамна заврши времето кога државни функционери можеа неказнето да ја злоупотребуваат службената положба за да вршат притисоци, закани и уцени врз граѓаните. Јавноста има право да знае како се трошат буџетските средства и јавноста никој нема право да ја потценува. Затоа на 15-ти октомври до СДС ќе стигне и одговорот од граѓаните во однос на овие неумесни политики кои ги водат, истакна Стојановска Стефанова.

 

 

 

10.10.2017 - 16:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега