МРТВ партнер
Ова горештиниве никако да удрат во политичарите. Македонската инает политика, по се изгледа е отпорна на се, па вакви топлотни удари повеќе и се егзистирачки феномен, отколку можност за рестартирање. Како и да е, се појасно станува дека долго топло-летните преговори нема да донесат ниту милиметар повеќе демократизација на државата. Од едноставни причини. Таа е толку демократска, колку што менталниот склоп, нивото на цивилизациски развој на општеството, ја сфаќа демократијата. И тоа и не е некој посебен белег за Македонија, тоа е општа карактеристика за сите општества во кои социјалистичко-комунистичата тиранија се преставуваше како совршенство на човековото живеење и врв на слободарската идеја. Но, реалноста денес покажува дека тие 50 години, со такво политичко устројство, ги вратија сите тие држави 150 години назад, а нивото на свест за индивидуите, за вистинските вредноста на демократијата и слободата, за цивилизацискиот развој на личноста, го направија растеглива категорија помеѓу оската на омразата и моќта.
Втората едноставна причина поради која тешко може да се очекува некакво повисоко ниво на демократија е одлучувачкиот формат. Политичкото договарање меѓу четворката најмоќни, повеќе гарантира џентламенски рамки за маневар простор при ротација на позициите, отколку стабилни контури на повисоко ниво на правно-демократска државна организираност. Попросто. Битката на опозицијата не е за ограничување на ресурсисте на власта во предизборни цели, туку за простор кој ќе и овозможи и нејзе одреден степен на искористеност на таквите ресурси, сега како опозиција, а утре тоа може да биде добредојдено и за секоја друга опозиција. Најпросто сведено логиката на опозицијата е: „Да, ние сме за помала корупција, или за поголемо учество во нејзе”.
Но, општествена одговорност на секоја интелектуална индивидуа е ако има каква било идеја, која може на кој било начин да ја подобри општетсвената стабилност, да ја сподели. Таа може да биде добра, може да биде и лоша, но вреди да се зборува за која било идеја. (Проблемот на македонското општетство е што не зборува за идеи. Ги отфрла или ги прифаќа во зависност од централизираниот став на колективитетите и политички и етнички.)
Два аспекта од политичкиот договор од Пржино, околу кои летово партиите ќе бараат решенија, имаат големо влијание врз општествената перцепција на нештата. Тоа се изборите, поради чие оспорување и настана кризата. И медиумите, поради чија „непрофесионалност “, ете девет години опозицијата не може да дојде на власт.
Македонската радио телевизија е јавен државен радиодифузен сервис, чија улога во општеството од 1990 до ден денес, е предмет на политичко препукување меѓу опозицијата и власта. Не била никогаш МРТВ БИ БИ СИ, како што некој тоа сака да го претстави. МРТВ од позиција на објективност секогаш била тоа што е и денеска. За таквата нејзината поставеност најголема вина има СДСМ, но тоа е друга тема. Сега темата е како да се дојде до јавен државен сервис во кој, ако не задоволство за сите, барем да се постигне рамномерна критика, или подеднаков молк кон неговото функциоинирање и од позиција на опозиција и од позиција на власт. Повеќе од потребно е сега да се искористи моментот да се дојде до најдобриот концепт, иако последните четири до пет години МРТВ во програмската и техничката поставеност бележи прогрес како никогаш. Секогаш може и треба подобро нели?
Концептот (кој некако се наговестува во јавноста) на поделба на влијанијата меѓу партиите од една страна и државното финансирање од друга е пат кон целосна деградација од која единствен излез некогаш би бил само клуч на вратата на МРТВ. Можеби некому добро му звучи опозицијата да предлага членови на управниот одбор, но кога власта ќе треба да финансира, тешко дека од ова ќе произлезе каков било добар производ. Впрочем потребно е долгорочно решение, а не секударни осцилации.
Предлозите на здруженијата на новинари, ЗНМ и МАН во одредена мера имаат некаква идеја за формална департизација, но тешко дека таквата поставеност ќе донесе и суштинско тргање на влијанието на политиката. Тоа повеќе се парцијални решенија без конкретни идеи за развој на МРТВ.
Што и треба на МРТВ? Суштинско за јавниот државен радиодифузен сервис е да остане, (или поточно да стане), медиум во контекст на заштита на јавниот интерес и државно националните интереси на Македонија, секако со стабилна финансиска развојна компонента. Само толку. Ништо повеќе и ништо помалку. До тоа може да се дојде само преку многу повисоко ниво за свест за демократија, ниво за кое за жал е потребен подолг еволуциски процес на личноста на овие простори. А, кога некој нема толку време за чекање, тогаш ја бара најсоодветната алтернатива.
Дали решение за МРТВ е јасно дефиниран концепт на јавно-приватно партнерство? Веројатно единствено здраво решение. Но, исклучиво со странски партнер и тоа позициониран меѓу 20-те најмоќни медиумски корпорации од западниот свет.
Што и како би бил дефиниран тој партнерски однос? Прво дефинирање на обврската за јакнење на јавниот интерес и националните државни интерси. Тоа би подрзбирало дека 55% од вкупните програмски содржини МРТВ треба да ги посвети на овој дел. Сопствена програма која подрзбира од културно-образовна, преку социјална, државнио национална, па се до пропорционална застапеност на етничките заедници, нешто што јас го нарекувам вреднување на културните разлики. Останатите 45% од програмата би биле поделени на 10% информативен дел и 35% комерицијална програма произведена по идеја на приватниот партнер.
Вториот клучен момент е финансиската независнот. Тоа значи дека освен одредени средства, со прецизна намена и тоа само за техничко подновување до одреден степен на годишно ниво, МРТВ од буџетот нема да добива никакви никакви средства. Нејзиното финансирање би било исклучиво на пазар преку рекламирање. Месечната радиодифузна такса би останала, но како такса од 0.25% од бруто платата на секој вработен. Овие средства да бидат наменети само за посебниот буџетот за програми од јавен и национален интерес.
Јавното-приватно партнерство би подразбирало и почетна заедничка инвестиција на приватниот партнер и на државата. Државата би вложила средства за инфраструра, комплетно реновирање и прилагодување на објектот, а приватниот парнер би вложил во зајакнување на медиумската техничка опрема.
Државата како партнер во МРТВ може да изнајде модалитети за олеснување на одредни процеси кои можат да се појават при процесот на трансформација. Со оглед на тоа дека приватниот партнер би имал слободно право да одлучува за кадровската поставеност на вработените, тогаш за оние кои не би се нашле во работниот процес на новиот партнер, државата ќе треба да подготви социјални пакети. Јавно-приватното партнерство би било дефинирано на временски период од 20 години, со можност за продолжување. За да биде како што се вели, чисти сметки долга љубов, улогата на супервизија треба да ја има мешовита парламентарна група од Собранието. Нејзината улога би била проверка на взаемните обврски на партнерите (државата и управителот) на годишно ниво.
Јавно-приватно партнество во медиумскиот простор во Европа и Америка не е непозната категорија. Што добива државата, а што приватниот партенер? Јавен серивис растеретен од политички влијанија и стабилен и кредибилен промотор на националните државни интереси на Македонија во светот. Да. Македонија е мал пазар, но регионот е подрачје од околу 35 милиони гледачи без некои сериозни јазични бариери. Добар мотив.
А, таквиот јавен радиодифизен сервис дава надежи дека од споредна композиција може да се претвори во локомотива, што пак е добар правец за решавање на комплетниот проблем во медиумскиот простор. Не некој таму од некаде, туку потребата од пазарна конкурентност ќе ги наметне стандардите…
Продолжува: Изборен модел и гласање….
Марјан Николовски – Новинар
Оцени ја веста
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа