Левицата е киднапирана од ислужени кариеристи

 

Веќе два месеци гледаме ниско-буџетен по квалитет, а скапо платен по реализација филм за дестабилизација на држават и прибирање до власт на една група на луѓе без поддршка од граѓаните. Глумци во овој филм се политичари кои многу пати изгубиле на избори, не добиле поддршка, па едноставно немаат избор и се согласиле искрено и блиску да ја доловат улогата на себенаметнување. Тие добро знаат за две работи, дека неизмерно многу сакаат да се приберат до власт и дека немаат мнозинска поддршка за тоа, па од тука заклучокот им изгледа сосема јасен, а тој е да се премости и неутрализира мнозинството на граѓани за да се дојде на власт. Избори за нив не е начин како може да се добие поддршката, политичка борба со натпревар на идеи и програми исто така не е прифатлива, битка со подобри и поквалитетни кадрвски понуди потполно исто така не им влегува во прифатливите математики. Соочени се со ѕид. Тие знаат дека немаат доволно квалитет во себе за да бидат побединици, но тоа не значи дека сакаат да прифатат да не го добијат она што го сакаат. Играат нечисто и играат дрско, како што игра фудбалски тим чија единствена стратегија е да скрши нога на еден, двајца или тројца најдобри играчи на спротивната екипа.

Целата концепција на демократијата се базира на прифаќање на волјата на мнозинството граѓани при носењето на одлуката кој ќе ја има обврската да раководи со државата, владата, собранитето, општините итн. Доколку тоа не се почитува, тогаш имаме сериозен проблем, каков што имаме денес во Македонија. Во западните држави изборните резултати најчесто завршуваат со неколку процентни разлики. Победниците се среќни со 2% или со 4% разлика пред нивнито политички противник. Скоро сите претседатели на САД се избрани со неколку процентна разлика во бројот на гласови, најголем број од Владите во Европа се избрани исто така, хрватската претседателка беше избрана со 2 до 3 000 гласови разлика, па никому, ама баш никому не му дојде на памет да ја оспорува, макар за еден глас, изразената мнозинска волја на граѓаните. Кај нас последните парламентарни и претседателски избори завршија со над 200 000 гласови разлика или пак појасно кажано за оние кои не сакаат да разберат, со скоро дуплициран резултат на едната над другата од двете водечки политички партии. Да не се прифати таков резултат и да се тера инает е надвор од умот, но за жал тоа наметнува принципи кои во иднина ќе може да ги применува секој, а тие принципи не се демократски во својата суштина.

Во тој филм се појасно станува дека сценаристи се лица кои дваесетина години се плеткаат на политичката сцена, извршувале значајни функции, а никогаш не се избориле на директни избори за нив. Секогаш функциите и влијанијата ги добивале како последица на нивно моткање околу значајни фигури на политичката сцена, демек советувајќи ги и нудејќи им ги нивните интелектуални капацитети. Всушност ако се погледне прецизно, сите тие на куп најмногу учествувале во погрешните политики во Македонија. Ги имаше во државните медиуми кога тие беа монопол, ги имаше во Владата кога таа ја спроведе приватизацијата и избрка 200 000 луѓе надвор од работа и кога таа без одобрение на граѓаните тргуваше со националните интереси и атрибути, ги имаше во кабинетите на министрите кога им се случуваа огромни афери, ги имаше во кабинетите на претседателите на државата кога ни се случуваа војни, порази, рамковни договори, времени спогодби, територијални поделби, атентати и загинување. Ги има десетина такви ликови кои се препознатливи и за најмалите деца. Некој од нив, оние кои имаат малку поголемо мислење за себе и се пробаа на избори, но доживеаа дебакли, а тоа никогаш не ги одврати од желбата да се мешаат во политиката и да влијаат на неа. Другите никогаш не одлучија да пробаат своите ставови да ги стават на испит пред граѓаните, туку секогаш користејќи манипулации, медиуми, некоја фондација, веројатно и информации прибирани на криминален начин, успеваа да се вметнат себе си во кабинетите на влијателни фигури и со тоа да ја креираат судбината на сите, а никогаш да не понесат одговорност врз себе.

Во нормална демократска држава за лица за кои целата јавност има неподелено мислење дека учествувале во најпогубните политички одлуки и периоди, лица кои го докажале своето недемократско однесување тогаш кога имале власт, лица кои немаат храброст сами да излезат на избори, туку се кријат во позадина, лица за кои се докажало дека за сопствена кариера одработувале за служби во минатиот систем нема место на политичката сцена. Тие едноставно се привикнати да работат на еден начин и тој начин нема никогаш да го променат. Ним им успеало да се приграбат до власт, моќ и пари без демократија, ним им успеало да бидат тоталитаристи, да тепаат штрајкувачи и работници, ним им успеало да бидат поразени и пак да останат во политика. Тие никогаш нема да се променат и секогаш додека имаат можност да влијаат ќе го прават тоа на истиот начин.

За политичари кои донеле или учествувале во носење на стратешко лоши политики не треба да има место на политичката сцена. За политичари кои немаат храброст да излезат на избори исто така не треба да има место во институциите каде се носат одлуки. Политичари кои изгубиле на избори треба да бидат свесни и да знаат дека треба сами да се повлечат. Тоа се основни правила на демократијата кои мораат да се почитуваат.

Всушност денес во Македонија имаме проблем со токму вакви политичари кои не сакаат да ги прифатат базичните правила на демократијата. Тие имаат проблем не со власта, туку со демократијата. Тие не сакаат да прифатат дека има туѓо мислење подобро од нивното и дека има луѓе кои се поуспешни од нив. Денес во Македонија левицата е креатор на проблем од голем капацитет токму заради тоа што е киднапирани од луѓе кои оддамна требаше да ги завршат своите политички кариери и да остават простор за нови, свежи, чисти и некомпромитирани кадри кои со демократска битка, со нови идеи и прогарми ќе можат да се носат во битката за поддршка од граѓаните. Наместо тоа левицата денес е заштитник на политичари кои изгубиле многу избори, на политичари кои имаат цела дузина афери зад себе, на политичари кои имаат досие на соработници со службите и на политичари кои немаат храброст да ја понудат својата одговорност. Да бидеме искрени, токму овие денес носат одлуки во име на левицата. И затоа нивните стратегии и постапки немаат врска со почитување на законите, со почитување на личностите, немаат врска со почитување на демократијата, со почитување на правилата и со почитување на националните и државни интереси на Македонија.

Овој налет на бомби и петарди ќе заврши поскоро или подоцна, но политичката стабилност во Македонија ќе се воспостави кога на овие политичари ќе им се покаже правото место во историјата.

Пишува: Илија Димовски за Дневник

 

 

Оцени ја веста

14.04.2015 - 14:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега