Вугринец: Трансферот во Вардар е шпекулација
Металург ќе може да смета на услугите на Ренато Вугринец за клучниот меч во ЛШ против Кил. Натпреварот ќе се игра во салата „Борис Трајковски“ со почеток во 21 чаост. Токму Вугринец беше алката која недостасува за сините од Автокоманда да можат да го продолжат својот пат во нокаут фазата во елитното европско натпреварување.
„Јас сум подготвен за настап против Кил. Полека се санира повредата на дланката што ме мачеше од почетокот на сезоната. Јас сакам да играм, а дали ќе настапам во сабота одлучува друг“, вели за „Република“, извонредниот бек на Металург.
Турбуленциите кои што го здрмаа клубот со финансиската состојба, ги пушти во јавноста шпекулациите за заминувањето на Вугринец и голманот Станиќ. Веќе за нивните услуги интерес пројавија Данерк, Вардар и уште неколку клубови кои се дел од елитното европско ракометно натпреварување.
Многумина би сакале во своите редови да го видат вториот најдобар стрелец од минатата година во ЛШ. Се додека тој нема настап во Металург ќе има можност да се покаже во некој голем клуб.
„Јас имам договор со Металург, што е се уште важечки. Се останато е шпекулација и не сум преговарал со ниту еден друг клуб. И тука и за жал медиумите во мојата татковина Словенија, си прават конструкции за некакво мое заминување од Металург“, вели Вугринец. Вугринец не сакаше да говори за кризата во Металург, со коментар дека тоа е политика на клубот и дека за финансиите се одговорни други луѓе.
„ Јас искрено би сакал да продолжи успешната приказна на Металург. Како ќе се развиваат работите ќе видиме. Сега е најважно да се обидеме да го изненадиме Кил и да останеме во игра за пласман во следната фаза“, заврши Вугринец.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа