Албанија: Во пожарите уништени над 29.000 хектари шуми

Европскиот информативен систем за шумски пожари (ЕФФИ) објави дека во Албанија од 1 јануари до 15 август годинава изгореле вкупно 29.143 хектари шуми. Само во текот на минатата недела пожарите изгореле 2.390 хектари шуми.

Системот за сателитски мониторинг на Европската Унија од почетокот на годината забележал „1.159 термички аномалии на територијата на Албанија. Само во текот на минатата недела се регистрирани 410 термички аномалии, со пораст во однос на пред една недела, што говори за пораст на температурите со влијание врз состојбата со пожарите во шумските површини“.

Поради бројните шумски пожари и ограничените капацитети за нивно гаснење, Албанија во текот на месеците јули и август двапати го активираше Европскиот механизам за цивилна заштита.

Во јули Албанија беше поддржана со хеликоптер од Италија и Грција а деновиве во воздухопловната база Кучово пристигнаа два хеликоптера од Романија за гаснење пожари во шумите во Албанија.

Според албанската Национална агенција за цивилна заштита, во последните 24 часа се регистрирани повеќе од 40 пожари низ државата, што претставува еден од деновите со висок интензитет на шумски пожари.

Во последните два месеца пожари има низ целата територија на земјата, а поради ограничените технички и човечки капацитети за заштита од пожари албанската Влада од самиот почеток на зачестени пожари ги активира армиските сили и средства.

17.08.2024 - 14:50

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега