Трамп се заканува дека ќе се повлече од дебатата со Камала Харис: нејзиниот тим претстави ново барање
Кампањата на републиканските и демократските претседателски кандидати во САД, Доналд Трамп и Камала Харис, се судрија во врска со претстојната дебата што треба да се одржи во септември на телевизијата Еј-би-си, јавува Гласот на Америка.
Според извештаите, тимот на демократите бара микрофоните на кандидатите да останат вклучени во текот на дебатата, додека Трамп се заканува дека ќе се повлече од дебатата бидејќи смета дека телевизијата Еј-би-си е „пристрасна“, иако претходно се согласил да учествува на дуелот.
„Зошто би имал дебата против Камала Харис на таа телевизија“, напиша Трамп на социјалните мрежи, обвинувајќи ја „пристрасноста“ на Еј-би-си.
Портпаролот на кампањата на Камала Харис, Брајан Фалон, рече дека нивното барање е микрофоните на кандидатите да бидат постојано вклучени во текот на дебатата и да не се исклучуваат кога ќе им истече времето за зборување, како што беше случајот во првата дебата, пренесува Ројтерс.
„Потпретседателката е подготвена да се справи со постојаните лаги и прекини на Трамп во реално време. Трамп треба да престане да се крие зад копчето за исклучување на микрофонот“, рече Фалон во соопштението.
Високиот советник на кампањата на Трамп, Џејсон Милер, вели дека „тие веќе рекоа дека нема промена во договорените правила“.
Сепак, Трамп подоцна рече дека би сакал неговиот микрофон да биде вклучен и не му се допадна што минатиот пат бил исклучен.
„Сеедно ми е. Веројатно повеќе би сакал да го вклучам микрофонот. Но, договорот беше дека ќе биде исто како и минатиот пат“, рече Трамп.
Анкетите покажуваат дека Харис има тесна предност пред Трамп на национално ниво од два до три процентни поени, според Гласот на Америка.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа