Јаневска: Започна изградбата на училиштето во Чашка
Почна изградбата на подрачното основно училиште во село Бањица во општина Чашка, каде настава ќе следат ученици од прво до петто одделение. Поставена е бетонска платформа и очекувам целиот процес да биде завршен за два месеци, а во меѓувреме градоначалникот ќе обезбеди опрема за новиот училиштен објект.
Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска во одговор на прашање кога учениците од општина Чашка ќе почна да учат на албански јазик на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања
-За жал, проблемот во Чашка е политички инициран. Таму децата до лани учеа заедно на еден, македонски јазик, а родителите на учениците имаа потпишано и согласности за тоа. Но, високи функционери на ДУИ одлучија дека нешто не е во ред и едните ги поттикнаа на штрајк, а кај другите создадоа револт со притисокот да се воведе настава на албански јазик. Сето тоа е на штета на учениците, но еве, работиме и ќе го надминеме овој вештачки инициран проблем, рече Јаневска.
Прецизира дека во Бањица ќе се гради монтажен училиштен објект во вредност од 6,6 милиони денари, инвестицијата на МОН, во кој ќе учат 12 дечиња.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа