Стефковски: Со макотрпна работа општина Гази Баба покажа како се работи чесно, транспарентно и посветено
На денешниот Саем-Отчет по повод „4 години работа за тебе“, се обрати градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски кој истакна дека општина Гази Баба била затворена општина каде што наместо граѓаните да одлучуваат одлучувале поединци, како и дека општината имала голем број нерешени предмети и бесправно изградени објекти и дека истите тие се веќе решени.
„Навистина јас начекав една затворена општина во којашто наместо граѓаните да одлучуваат три, четири луѓе од локалната самоуправа, голем број на нерешени предмети на граѓаните, предметите за легализација на бесправно изградени објекти, сите предмети коишто ја имаа комплетирано уредно својата документација се решени веќе во општина Гази Баба. Навистина покажавме дека како тим можеме да работиме поинаку, дека може да се работи чесно, транспарентно и посветено за доброто на секој еден граѓанин“, рече Стефковски.
Стефковски истакна дека општината се посветила на комуналната и патна инфраструктура, дека се реализирани 670 проекти, подобрување во водоснабдувањето во руралните населени места, како и фокус на образованието.
„Особен фокус ставивме на комуналната инфраструктура и подобрување на патната инфраструктура , во изминатите четири години во општина Гази Баба се реализираа вкупно 670 проекти што е навистина за поздрав, од аспект на изградба на фекална инфраструктура изградивме вкупно 32 км фекална канализациона мрежа во неколку населени места, го подобривме водоснабдувањето во руралните населени места, асвалтиравме и поплочивме вкупно 170 улици, една импозантна бројка, со макотрпна работа промените се веќе видливи, особено фокус во нашето инвестирање беше образованието, обезбедивме бесплатни униформи за сите 6800 ученици во основните училишта, доделуваме 5000 денари за секое новороденче, и 3000 денари за секое семејство коешто ќе има прваче на почетокот на учебната година“, дециден е Стефковски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа