Градоначалникот на Ново Село: Инвестираме во спортски сали, а се фокусираме и на асфалтирање на улици
На денешниот Саем-Отчет по повод „4 години работа за тебе“, се обрати градоначалникот на Ново Село, Ѓорѓе Божинов, градоначалникот на општина Босилово, Ристо Манчев, градоначалникот на општина Василево, Славе Андонов и градоначалникот на општина Конче, Златко Ристов, кои наведоа клучни проекти кои ги оствариле во четиригодишниот мандат, како асфалтирање на повеќе улици, инвестирање во младите и спортот, изградба на канализациони мрежи и вложување во младите и спортот.
„Беа асфалтирани над 12 километри улици и патишта, се посветивме на рационално, рамномерно работење затоа постигнавме толку. Продолжуваме и во други населени места, се асфалтираат улици кои се од големо значење за граѓаните. Еден од поважните сегменти на кои се фокусирав е инвестирање во младите и спортот, инвестиравме во 7 нови спортски игралишта, изградивме 3 целосни нови спортски терени. Еден од поважните проекти на кои сум особено горд е целосно реконструираната спортска сала Христо Татарчев во Ново Село успеавме да добиеме прекрасни услови за спортување, инвестирање во младите и спортот е особено важно“, рече Божинов.
Градоначалникот на општина Босилово истакна дека се работи во делот на канализационата мрежа, потенцирајќи дека моментално во тек на реализација се 45 проекти од клучно значење.
„Во изминатите 4 години покажавме како треба да се работи во една општина. Босилово има 15 населени мести и во овој период со поддршка на Владата на ВМРО-ДПМНЕ почнавме со изградба на канализациона мрежа во населено место Моноспитово и ова е еден од поважните проекти кој што го започнавме и кој ќе продолжи и во останатите населени места на општината. Наследивме празна каса и долг на општината, можам да кажам дека состојбата денес е сосема поинаква, во тек на реализација се 45 проекти во различна фаза некои се тендерирани за некои се потпишани договори. Изградивме неколку локални патишта, изградивме 4 повеќенаменски спортски игралишта“, вели Манчев.
Градоначалникот на општина Василево, Славе Андонов истакна дека кога го презел раководењето наследил долг од 100 милиони денари, при што Василево била една од нај задолжените општини во источниот регион по глава на жител. Но, посочи градоначалникот, дека со негова посветена работа и на тимот успеа да ја задржат ликвидноста и да не дозволат економски колапс на општината.
„Издвоивме средства за субвенционирање на граѓани кои купуваат инвертер клима уреди, субвенции за полагање возачки дозволи, за првачиња, новороденчиња. Реализиравме голем број на проекти коишто се случија за прв пат во општината, како донесувањето на урбанистички планови во Ангелци, Градашорци и Владевци. Пред моето доаѓање за градоначалник ниту едно населено место немаше урбанистички план“, рече Андонов.
Додека пак, градоначалникот на општина Конче, Златко Ристов истакна дека веднаш по преземањето на одговорноста да ја води општина почна со реализација на проекти во делот на водоснабдувањето.
„Првиот објект којшто го реализиравме беше проектот за водоснабдувањето во населеното место Габревци со инсталација на пумпна станица и потисен цевковод и вградување на трафостаница за потребите на истата. Овој проект чинеше околу 8 милиони денари и истиот обезбеди целосно снабдување со вода за пиење за ова населено место“, рече, меѓу другото, градоначалникот Ристов.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа