Клековски: Сите граѓани кои мислат дека се оштетени во кардиохирургијата да поднесат претставка

 

Директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Клековски вечерва упати апел до можните оштетени граѓаните во кардиохирургијата и до сите други пациенти, да поднесат жалби. Изјавата на Клековски, кој гостуваше во „Вести плус“ на Канал 5 ТВ, доаѓа откако кардиохирургот, Сашко Кедев пред неколку дена изјави дека во некои приватни болници се вршат непотребни интервенции со цел профит, вклучувајќи и стентирања и операции. По оваа изјава МЗ најави формирање комисија со експерти од три различни земји за проверка на работењето во приватните здравствени институции, но и продолжување на контролите во јавните здравствени установи кои се занимаваат со истата проблематика.

-Апел до можните оштетени во Кардиохирургија и до сите други пациенти службено да се жалат. Да се жалите, без да се пожалат ништо нема да се реши. Да, се жалат до вас, но вие не сте службена институција за постапување. Нас ни требаат конкретни случаи, бидејќи сега има илјадници стентирани луѓе и ќе биде повеќегодишна работа ако тргнеме да проверуваме досие по досие. Апелирам секој еден граѓанин што е оштетен или мисли дека е оштетен со своите аргументи да поднесе претставка. Јас одговорно тврдам дека ќе ја истражиме и ќе одговориме, рече Клековски.

Тој нагласи дека Фондот нема склучено договори за стентирање со „Жан Митрев“ и „Систина“ за стентирање.

-Кога еден врвен експерт како доктор Кедев ќе изнесе такви тврдења, секако треба да се обрне повеќе внимание, што не значи дека не се водат соодветни контроли и без такви изјави. Во ФЗО имаме договор со јавни и приватни здравствени установи исклучиво во полето на кардиохирургијата, не во полето на кардиологија. Кардиологија, границата интервентна кардиологија е она што популарно го нарекуваат стентирање, се работи на Клиниката во Скопје, во Клиничката болница во Тетово, во Битола, во Штип, во Специјалната болница во Охрид, и спрема нашите сознанија тие капацитети за интервентна кардиологија или стентирање се доволни. Поради тоа, ние немаме договори за стентирање со „Жан Митрев“ и „Систина“, две други приватни болници каде што овој зафат се врши. Стентирањето многу често е итно, односно во случај на срцеви проблеми или прегледи да треба во моментот да се направи. Додека, друг тип на интервенции се елективни кои можат да се закажуваат или договараат во друго време, рече тој

Клековски потенцира дека Фондот склучува договор со приватните здравствени установи во оние подрачја каде што нема давател или нема доволен капацитет на јавни даватели.

-Кардиохирургијата има два дела, едниот е кардиолошкиот, а другиот васкуларниот дел. Кардиолошкиот дел се работи во Кардиохирургија, „Жан Митрев“ и „Систина“. Тоа се трите установи со кои Фондот има договор. И васкуларната се работи во овие три клиники и во Клиниката за торакална хирургија и васкуларна хирургија и ми се чини во Штип и во Охрид. Фондот склучува договор со приватните здравствени установи во оние подрачја каде што нема давател или нема доволен капацитет на јавни даватели. И Кардиохирургијата во Македонија почна како приватна кардиохирургија, а не како јавна кардиохирургија, изјави тој.

Потенцира дека Фондот врши редовни и вонредни контроли во сите здравствени установи со кои има договор за работите за кои има договор.

-Во основа Фондот врши редовни и вонредни контроли на сите установи со кои има договор за работите за кои има договор. Нормално дека можеме да контролираме тоа за кое имаме договор.  За тоа што немаме договор, не можеме да го контролираме. Тоа значи дека во поголемите установи вршиме редовни годишни контроли кои опфаќаат, на пример кај една приватна здравствена установа од март до мај контролирани се 20 досиеја кои се лекувани по ДРГ каде цената се формира по ДРГ и 10 каде што цената се дефинира преку пакет услуги. Контролите опфаќаат дијагноза, дополнителни дијагнози, медицинска документација поврзана со тие дијагнози, кои се интервенциите кои се направени со точен опис на секоја поединечна интервенција и за тие работи мора да има медицинска документација како поткрепа. Она што Фондот не го контролира, овие редовни и вонредни контроли ги прават доктори, меѓутоа ги правата доктори по општа пракса кои се стручни за медицина но не навлегуваат што пишува во ултразвукот, што пишува во ЕКГ, но дека мора да има соодветна медицинска документација да се поткрепат наводите и тие се чуваат во болниците кои ги чуваат во одреден рок. Ние вакви контроли правиме во сите поголеми здравствени установи, не само во кардиолошките, рече тој.

Клековски истакна дека стручна проценка дали еден зафат требало да се направи или не, може да го направи само стручна комисија во која ќе има соодветни специјалисти и експерти.

-Редовно секоја година, конкретно во „Жан Митрев“ и „Систина“ секоја година се прават редовни контроли. Сме направиле 9 вонредни контроли заради наплата на приватни средства. И во сите девет случаи пациентите потпишале изјава дека се согласуваат дека оперативните зафати треба да ги платат самите, а да не чекаат на листа. За добар дел од интервенциите, посебно васкуларните интервенции има листа на чекање. Не е дека нема доволно пациенти, туку напротив има повеќе пациенти од што можеме во јавното и во приватното здравство да опслужиме. И сите девет поплаки се поврзани со васкуларна хирургија каде што редовниот термин за пациентот да се оперира бил во ноември а пациентот сакал да направи операција во април на сопствени средства. Нема ниту една поплака на стручниот дел. Ако имало поплаки, ќе сме ги упатиле до ДЗСИ. Стручна проценка дали еден зафат требало да се напра ви или не, може да го направи само стручна комисија во која ќе има соодветни специјалисти и експерти, рече тој.

Клековски соопшти дека Фондот најмногу тужби има од странски болници.

-Станува збор за странски болници. Не станува збор за домашни болници. Најмногу тужби имаше од една болница Фризбург во Германија, каде што пациенти се упатуваа за третман со матични клетки, најчесто хематолошки болни. Тие се наследени процеси и некои од процесите се одбиени. Не станува збор дека Фондот бил крив или не бил, едноставно комуникацијата меѓу Фондот и болницата не била соодветна и не биле соодветно разменувани информациите меѓу двете страни, рече Клековски.

22.08.2025 - 21:55

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега