Стефани Урчик во дводневна посета на Македонија

 

Претседателката на Ротари Интернационал, Стефани Урчик е во дводневна посета на Република Северна Македонија.

Целта на посетата е информирање во однос на предизвиците со кои се соочува земјава, како и проектите кои Ротари заедницата во државава ги реализира за поддршка на заедницата, вклучително и проекти за поддршка на настраданите во неодамнешниот пожар во Кочани. Покрај тоа, ќе се реализираат повеќе средби со Ротаријанци за споделување насоки за дејствување и реализација на активности за поддршка и помош, како и посета на приматели на помош за да се претстави работата на Ротари заедницата во земјава.

Претседателката Урчик ќе го посети Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Кисела Вода во кое Ротари клубовите Скопје Исток и Скопје Север реализирале донација со обезбедување музички инструменти и ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“ – Скопје во Капиштец во кое Ротари клубот Скопје Запад реализирал донација за опремување училница и санирање тоалети.

Во соработка со издавачката куќа Арс Ламина, како што најавуваат од Ротари заедницата во земјава, ќе бидат реализирани донации на книги за училишните библиотеки во двете училишта.

Меѓународната претседателка ќе ја придружуваат гувернерот на Ротари дистриктот 1912 Словенија Северна Македонија, Мирослав Штравс, директорот од Ротари Интернационал Даниел Танасе и претставници од Ротари заедницата во земјава.

Ротари е глобална мрежа со седиште во САД, со над 1.2 милиони членови, пријатели, лидери и луѓе кои решаваат проблеми и кои замислуваат свет каде луѓето се обединети за заедничка акција за да креираат промени во општеството каде што дејствуваат. Ротаријанците ги поддржуваат идеалите на служење на заедницата, разноликост, интегритет, пријателство и лидерство. Области кои што се во нивниот фокус се: промовирање на мирот, превенција и третман на болести, обезбедување чиста вода за пиење, хигиена, заштита на мајки со деца, поддршка на образованието и развој на локалните економии, наведуваат од Ротари заедницата во земјава. 

26.03.2025 - 07:54

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега