СДСМ: Смрди на корупција

 

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, денеска на прес-конференција реагираше на како што таа рече скандалот со милионскиот тендер за организирање возачки испити, оценувајќи дека „смрди на корупција и мора целосно да се расчисти“.

Според СДСМ, новооснована фирма зад која стои советник на ВМРО-ДПМНЕ добила милионски бизнис од Министерството за внатрешни работи и практично сите полагања во Битола, Прилеп и Ресен ѝ биле доверени со монопол од пет години.

„Истото тоа МВР, кое процени дека ‘Супер возач’ ги исполнува условите за работа, деновиве го затвори центарот затоа што немал документација, стручен кадар, возила и уредна евиденција. Дали Тошковски додели лиценца на фирма која од самиот почеток не ги исполнувала условите?“, праша Кузеска.

Од партијата бараат Државната комисија за спречување корупција веднаш да отвори предмет, а Основното јавно обвинителство да спроведе истрага и да утврди одговорност.

 

„По скандалот со униформите, ова е втор крупен и сомнителен тендер во МВР за краток период. Наместо да се бори со криминал, министерството стана извор на корупција и партиски грабеж“, додаде Кузеска.

20.08.2025 - 12:37

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега