Сашо Клековски: Блокада на Македонија ќе доведе до трајни штети по македонско-бугарските односи

Политичкиот аналитичар, Сашо Клековски, во интервју за Прес24, оценува дека во моменталното влошување на македонско-бугарските односи улога имаат повеќе фактори кои се испреплетуваат, како дефинираната доктрина кон македонската нација и јазик; развојот по склучувањето на договорот за добрососедство; како и моменталната внатрешна состојба во Бугарија.

-Што се случи со бугарско-македонските односи по склучувањето на договорот за добрососедство? Наместо напредување се случи назадување на сите полиња од политичко до трговско, вели Сашо Клековски во интервју за Прес24. 

-За многумина од нас добрососедство значеше полесна и побрза комуникација меѓу Скопје и Софија. Нити Скопје, ниту Софија направија нешто во таа насока. Ај што не ставија метар асфалт, не направија ништо и во раздвижувањето на заспаните гранични премини. Како тогаш политичарите ќе решат историски спор!? Тие можат само да го замрсат дополнително. Бугарските анти-македонски позиции предизвикаа големо сплотување и на левицата и на десницата во Македонија, што ја зацврстува непопустливоста на македонската страна, потенцира Клековски во интервјуто.

Во поглед на внатрешните состојби во Бугарија, Клековски оценува дека политиките на Софија во многу се мотивирани и од состојбата во која се наоѓа Владата на Бојко Борисов, особено низ улогата на колалициониот партнер Каракачнов.

-Каракачанов како маалски силеџија, единствено може да малтретира, да прави булинг на послаби и помалку моќни како Македонија. За Гоце Делчев ќе ја малтретира и ќе се изживува врз Македонија, но ќе молчи пред Грција за геноцидот во Кукуш родниот град  на истиот Гоце Делчев, вели Клековски.

Оценува дека евентуална блокада на Македонија ќе доведе до голема, ако не и трајна штета на македонско-бугарските односи, што не може да биде цел на ниедна влада на Бугарија. 

-За тоа се свесни и либералната и демократска јавност во Бугарија, која ќе создаде внатрешна противтежа на националистичките барања од Софија, смета Сашо Клековски, политички аналитичар во интервју за Прес24. 

ПРЕС24: Македонско-бугарските односи повторно влегуваат во чувствутелна фаза. Прво меморнадумот со кој се цели да се убдеи Европа дека нема македонски јазик, еве сега и атак врз сите словенски држави дека Кирилицата е само Бугарска. Дали Софија се заканува, или пак си ја билда позициите во самата ЕУ?

КЛЕКОВСКИ: Во моменталното влошување на македонско-бугарските односи улога имаат повеќе фактори кои се испреплетуваат, како дефинираната доктрина кон македонската нација и јазик; развојот по склучувањето на договорот за добрососедство; како и моменталната внатрешна состојба во Бугарија.

Позициите на Бугарија се јавно објавени во „Бугарската политика спрема Република Македонија“, издадена од фондацијата „Манфред Вернер“ во 2008 година. Тезата е дека Македонците се творба на Тито и Коминтерната и дека по 1944 година постои македонски народ, посебен од бугарскиот. Македонскиот народ се ограничува територијално, на Република Македонија и временски, од 1944 година (АСНОМ), со тоа да се отстрани ризикот по сопствената територија и по „сопственоста“ на историјата и дејците од Македонија – „најромантичниот дел од бугарската историја“. 

Што се случи со бугарско-македонските односи по склучувањето на договорот за добрососедство? Наместо напредување се случи назадување на сите полиња од политичко до трговско. По првата заедничка седница на македонската и бугарската Влада во ноември 2017 година, немаше последователни средби. Потоа во 2018 година имаше заедничка седница со српската, а последна беше заедничката седница со црногорската влада во мај 2019 година. Македонија во 2019 година се приклучи на Мини Шенген иницијативата со Србија и Албанија, каде Бугарија не е вклучена, наспроти Берлинскиот процес, каде Бугарија е вклучена и Софија е местото за следната средба. Не напредуваат ниту трговски односи, Бугарија во 2020 година, не е меѓу 5те најголеми трговски партнери на Македонија, а меѓу нив покрај Германија, Британија и Кина се Србија и Грција. Дали во Бугарија имало очекувања да по договорот се случат клучни бизнис пробиви, како што секое подобрување на односите со Грција беше следено со купување на голем бизнис во Македонија. Дали се повторува времето на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, кога предизборно и постизборно имаше срдечни односи кои се заладуваа како мандатот изминуваше?

Доколку постои разочарување во Бугарија од текот на односите, сега пред започнувањето на преговорите да се направи дополнителен притисок врз Зоран Заев и СДСМ. И тој притисок е можеби за Гоце Делчев и јазикот, а барањата да се сосема поинакви пр. гасовод или банка. 

И на крај, зошто комуникацијата толку се вжешти? Бугарија веќе одреден период е во континуирани протести со јасни барања за предвремени избори. Политичарите веќе се фокусираат на таа можност и погледнуваат на крајно десните и националистички гласови. А таму се поголем метеж и се повеќе политички ривали. Красимир Каракачанов и ВМРО-БНД  се борат за гласови со Атака и новоформираната „Нема таква Бугарија“ на шоуменот Слави Трифунов. Ниту ГЕРБ на Бојко Борисов, преку Андреј Ковачев не се откажува од националистичките гласови. Постои опција Красимир Каракачанов и ВМРО-БНД  да не влезат во идниот парламент, и тоа ги објаснува неговите се почести и се порадикални изјави за Македонија. 

И секако, Каракачанов како маалски силеџија, единствено може да малтретира, да прави булинг на послаби и помалку моќни како Македонија. За Гоце Делчев ќе ја малтретира и ќе се изживува врз Македонија, но ќе молчи пред Грција за геноцидот во Кукуш родниот град  на истиот Гоце Делчев.

ПРЕС24: Засега Брисел молчни. Единствена реакција дојде од Германија, која е претседавач, преку нејзината Амбасада во Скопје, дека билатералните прашања треба да се решават билатерално. Но, колку реално Софија би се одлучила на блокада на Македонија?

КЛЕКОВСКИ: Европската комисија има многу поголеми проблеми во моментот како короната или пак договорот за брегзит со Велика Британија. Во регионот главниот фокус се Србија и Косово и недоразбирањата за нив со Вашингтон. Македонија секогаш страдала за внимание дека е само  политички, а не безбедносен проблем. Дали Софија ќе се одлучи за блокада зависи од повеќе работи. Сигурно ќе блефира до крај со блокада за да ги постигне своите цели, кои и да се тие, во односите со Македонија. Целите можат да бидат и кон ЕУ, пример да Бојко Борисов ја стабилизира својата позиција сред протестите што ќе му е поважно од чив е Гоце Делчев. Во моментот на протестите во Бугарија е одобрено најголемата воена набавка во поновата историја на Бугарија - купување на 16 авиони од САД за 1.6 милијарди долари, потег наменет за добивање поддршка од Вашингтон. Од друга страна блокада на Македонија ќе доведе до голема, ако не и трајна штета на македонско-бугарските односи, што не може да биде цел на ниедна влада на Бугарија. За тоа се свесни и либералната и демократска јавност во Бугарија, која ќе создаде внатрешна противтежа на националистичките барања од Софија.

ПРЕС24: Во основата реалноста е веројатно дека преку ова Бугарија, сака да изврши протисок врз Комисијата за историски прашања, за побрзо да се решат овие историски спорови. Ќе даде ли ефeкт ова?

КЛЕКОВСКИ: Историски спорови не можат да се решат ниту побрзо ниту брзо. Ниту пак политички притисок некогаш решил или ќе реши историски спор. Историски спорови се решават или стануваат нерелевантни со градење на други односи. Една дигресија. За многумина од нас добрососедство значеше полесна и побрза комуникација меѓу Скопје и Софија. Нити Скопје, ниту Софија направија нешто во таа насока. Ај што не ставија метар асфалт, не направија ништо и во раздвижувањето на заспаните гранични премини. Како тогаш политичарите ќе решат историски спор!? Тие можат само да го замрсат дополнително. Бугарските анти-македонски позиции предизвикаа големо сплотување и на левицата и на десницата во Македонија, што ја зацврстува непопустливоста на македонската страна. 

ПРЕС24: Опозицијата ја заговара идејата на Меморандомот на Софија да се одговори со Декларација на Парламентот. Дали тоа е исправен одговор?

КЛЕКОВСКИ: Меморандомот на Софија, како вмешување на политика во историја, не е исправен потег, така што и одговор со Декларација на Меморандумот не е исправно. Историјата треба да остане надвор од Парламентот. Парламентот може да донесе одлука да се даде приоритет на изградба на автопат Скопје – Софија.

ПРЕС24: Ме заинтригира изјавата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој во разговор со неговата бугарска колешка Екатерина Захариева, рекол дека Македонија нема да отстапи од црвените линии. Кои се тие црвени линиии за кои зборува Османи, и кој ги дефинирал?

КЛЕКОВСКИ: Од искуството со преговорите со Грција, страв да те фати кога функционер на оваа Влада ќе спомне црвени линии, бидејќи сите ги погазија. Не ми се познати црвените линии на ова Влада, ниту кој ги дефинирал. Доколку интерпретирам ставови изнесени од Драги Ѓоргиев, копретеседателот на Комисијата за историја, Македонија може да прифати мултиперспективен пристап за личности и настани, односно во наративот се внесуваат двете перцепции за таа личност или настан. Прашањата на заедничка историја, односно историски учебници, е прашање на кое е веќе работено не негде далеку, туку тука на Балканот.. Центарот за демократија и помирување во Југоисточна Европа, со седиште во Солун од 1999 година започна „проект за заедничка историја“, чија цел е да е отвори дебата, да се слави диверзитетот и да се препознае споделеното страдење и постигнувања, и во основа се заснова на мултиперспективен пристап. Според Драги Ѓоргиев неприфатливо е прифаќање на еднострани позиции и доколку Бугарија инсистира дефинирање на Гоце Делчев исклучиво како Бугарин нема да има договор. Се чини тоа се црвените линии. 

Но деновиве Андреј Ковачев го зголеми барањата кои во основа бараат поништување на АСНОМ, камен темелникот на македонската државност, односно бара ревизија на историјата на Втората светска војна, ревизија на фактот дека Македонија била на победничката страна. Како што реков погоре, ваквите анти-македонски позиции предизвикаа големо сплотување и на левицата и на десницата во Македонија, што ја зацврстува непопустливоста на македонската страна. Вакво сплотување во Македонија е реткост и Зоран Заев и Владата мора да ги земат во предвид. Да потсетам во преговорите за името, левицата и десницата во земјата не беа сплотени на потребното ниво.

ПРЕС24: Малку е нејасна онаа позиција на Бугарија околу македонскиот јазик. Дефакто Софија признава постоње на посебен јазник, но одбива да го нарече македонски, туку ја форсира формулацијата официјален јазик на РСМ. Зошто? 

КЛЕКОВСКИ: Негацијата на македонскиот јазик за националистите во Бугарија е веројатно најважно прашање. Кога во 1999 година се потпиша Декларацијата за добрососедство Бугарија прифати двата јазици да се дефинираат со Уставите, за да се надминат пречките за потпишувањето. И горе споменатата „Бугарската политика спрема Република Македонија“ е издадена и на македонски јазик, патем во Софија бараат судски преводи на документи издадени на македонски јазик, иако го дефинира да се ограничи неговото постоење од 1944 година. Од друга страна не би изненадило дека јазикот е преговарачка мамка во стилот „Делчев стана Бугарин“, ама го „одбранивме македонскиот јазик“.

ПРЕС24: Кои се Вашите проценки, дали во декември ќе се случи првата меѓувладина комисија со ЕУ?

КЛЕКОВСКИ: Бугарија ќе оди до крај со заканите, за евентуално постигне одредени цел пред декември. Прашање е колку Зоран Заев и Владата ќе потклекнат на ваквите закани. Прашање е што ќе се случува со бугарската влада до декември. Бугарија може да ги проектира своите барања во било кој момент од преговарачкиот процес. Се активира јавноста и во Македонија и во Бугарија. Во такви услови верувам дека Македонија ќе ги започне преговорите со ЕУ.

ПРЕС24: На внатрешен план, Македонија овој период се соочува со пандемијата, но веријатно ќе се соочи и со тешко функционално Собрание, особено откако опозицијата рече дека нема да и прави кворум на власта во Парламентот. Можна ли е нова политичка криза во државата?

КЛЕКОВСКИ: Македонија е во ескалирачка здравствена и економска криза, почнува и образовна криза, која овојпат нема да трае два месеци, туку значајно подолго. На земјава во толку тешка позиција не и е потребна и политичка криза. Власта и опозицијата мора да најдат начин за изведување на земјава од здравствената, образовна и економска криза, а време за партиска политика ќе има, секако идната есен ќе има локални избори.

ПРЕС24: Опозицијата ги зајакнува активностите на теретн. Постојано просуство на улица и протести. Што може тоа да изроди? Можно ли е опозицијата да произведе на овој начин граѓански отпор на улица на подолг рок, како што се случуваше во Србија или сега во Бугарија?

КЛЕКОВСКИ: Владата не направи ниту 100 дена, земјава е  здравствената, образовна и економска криза, и во таква состојба претпочитам политички дијалог. Македонците имаат резерва спрема партиски протести, и таа резерва ќе биде надмината само доколку и понатаму паѓа довербата во Зоран Заев и Владата и доколку прават крупни грешки. Клучни прашања ќе бидат начинот на кој ќе се справиме со здравствената, образовната и економската криза, како и  „црвените линии“ кон Бугарија.

ПРЕС24: Некои одлуки на новата Влада, предизвикуваат реакции во јавноста, како што беше измените и назначувањето на Прв вицепремиер, еве сега субвенции за вработување на припадници на етничките заедници во приватниот сектор. Дали се ова може да води до ново ревидирање на политичкиот систем на државата, или пак е политика на дејствување во вакви околности. Прашањето ми е во насока на тоа дека искуството досега покажа дека воспоставена пракса, особено за етнички работи, останува како пракса?

КЛЕКОВСКИ: Меѓуетничките односи секогаш биле предмет на (зло) употреба, а сега ДУИ ќе ги употребува зачестено поради ривалитетот со СДСМ за исти гласачи. ДУИ и СДСМ се коалициски партнери, но истовремено СДСМ со коалицијата со Беса или со изборот на Фатмир Битиќи за вицепремиер, навлегува во гласачко тело на ДУИ, и ДУИ ќе одговори на тоа. Но баш случајот ја покажува површноста на дебатата. Во Ревидираниот оперативен  план за активни програми и мерки за вработување од септември 2020 година има афирмативни мерки за невработени Роми, што покажува дека кога проблемот е јасен постои политика волја за афирмативни мерки за одредена етничка заедница.

ПРЕС24: Како ги толкувате одосите во самата опозиција, особено во ВМРО-ДПМНЕ. Дали повиците за вонреден конгрес можат да се претворат во нов раскол во ВМРО-ДПМНЕ и можеби поделба и на пратеничката група?

 

КЛЕКОВСКИ: Имаме историја да власта поттикнува поделби кај политичките ривали (НПМ – ново парламентарно мнозинство), кои можеби делувале на кратки стази, но на подолги таквите расколи се надминувале. Правењето мнозинство со такви расколи и поделби не донеле ништо добро на никого. Доколку паѓа довербата во Владата, играње на поделби, ќе купи малку време, но не може да ја смени поддршката на граѓаните. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

07.10.2020 - 09:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега