Јахоски добил времен пасош и веќе е вратен во Македонија - но зошто и кој дал дозвола за пасошот, судовите ја префрлаат топката

 

Газдата на „Пуцко Петрол“ Асмир Јахоски е вратен во Македонија и утрово се пријавил во Кривичниот суд откако претходно викендов беше на патување во Турција со времен пасош.

Но, како Јахоски го добил времениот пасош се уште е нејасно поради институционалниот пинг-понг. Прво, од Кривичниот суд топката ја префрлаат кон Апелација. Оттаму велат дека во текот на месец мај осомничениот Јахоски побарал враќање на патната исправа, односно издавање нова. Ова барање беше одбиено од Кривичниот суд, по што по добиена жалба предметот бил доставен до скопска Апелација.

-Заради тоа потребно е за вашето прашање да се обратите до второстепениот суд. Што се однесува до мерката повремено јавување во судот, согласно препораките, осомниченото лице редовно се јавува во Кривичниот суд, велат оттаму.

Но, Апелација со своја приказна. За нив, одговор треба да се бара во МВР како орган кој издава патни исправи. Без конкретен одговор дали тие ја донесе одлуката за да му се издаде времен пасош, портпаролот ни посочи дека одлуките во случајот се донесени во рамки на постапка по жалба на осомничениот. 

Побаравме одговор и од Основното јавно обвинителство за Гонење на организиран криминал, кое го води предметот за можни злоупотреби во набавките на мазут за ТЕЦ Неготино, дали тие имаат дадено мислење за времениот пасош на Јахоски. Одоговор до овој момент се уште нема.

Побаравме и чекаме одговор од МВР врз основа на чија одлука е издаден времениот пасош за газдата на „Пуцко Петрол“.

Јахоски викендов беше во Турција на прослава за завршување на школување на роднина. Фотографии од прославата се објавени на социјалната мрежа Фејсбук.

Јахоски е осомничен во рамки на истрагата со која се опфатени сопствениците на компанијата РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, како и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е во бегство. ОЈО за ГОКК истражува можни злоупотреби во набавките за мазут за ТЕЦ Неготино вредни над 160 милиони евра во време на енергетската криза. 

Даниел Василев

02.06.2025 - 12:56

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега