Само 13 отсто скопјани оцениле дека квалитетот на животот во Скопје е подобар отколку пред пет години

 

Скопје е на претпоследното место според оценката дали квалитетот на животот во градот е зголемен во споредба од пред 5 години, покажуваат резултатите од Извештајот на Унијата за квалитетот на животот во европските градови за 2023 година.

Скопје е на претпоследното место според оценката дали квалитетот на животот во градот е зголемен во споредба од пред 5 години.

Полошо е пласиран единствено Рим, каде само три проценти од жителите сметаат дека состојбата е подобрена изминатите пет години. 

Нешто позадоволни од скопјани се жителите на Болоња со 14 отсто, на Стокхолм и Минхен со по 15, на Барселона и Торино со по 16, на Малме и Дортмунд со по 17 и на Берлин со 18 проценти. 

Најголем проценти од оние кои сметаат дека квалитетот на живот во нивниот град се подобрил во споредба од пред пет години се пред се жителите на земјите од Источна Европа, кои станаа членки на ЕУ при големо проширување на блокот во 2004 година. На водечките позиции се полските градови Бјалисток и Гдањск со 64, односно 60 отсто задоволство, пред Клуж-Напока со 59, литвански Вилнус со 56, чешка Острава со 55, полски Краков и естонски Талин со по 53, бугарска Софија со 52, полска Варшава со 46, како и турскиот град Анталија со 45 проценти. 

Околу 90 отсто од жителите на ЕУ изразуваат задоволство од начинот на живот во нивните градови, покажуваат резултатите од Извештајот на Унијата за квалитетот на животот во европските градови за 2023 година. Но, сепак вакво задоволство не споделуваат и жителите на градовите од Балканот, вклучително и скопјани, како и на неколку европски метрополи.   

Генерално, задоволството од начинот на живот е непроменето (40 проценти) или помало (29 отсто) во споредба со 2019 година, со исклучок на жителите на источноевропските градови, кои сметаат дека квалитет на животот е подобрен изминатите пет години, на што отпаѓаат 31 проценти од вкупниот број анкетирани. Дополнително, преовладува впечатокот дека помалите градови се перципираат како подобро место за живеење од повеќе аспекти, како безбедноста, достапноста до јавните простори и становите, здравствената заштита и квалитетот на локалната јавна администрација. Помалите места се сметаат и за подобри места за живеење за повозрасните луѓе, за семејствата со мали деца, но и за мигрантите. 

Оценките се вршени според повеќе критериуми, како степенот на задоволство од севкупниот начин на живот, условите за безбедно движење ноќе и за можностите за наоѓање вработување, финансиската состојба на домаќинствата, квалитетот на јавниот транспорт, воздухот, културните случувања и здравствената заштита, пристапот до зелени површини, степенот на корупција на јавна администрација, како и условите за живеење на повозрасните лица, припадниците на ЛГБТИК заедницата и на мигранти од други земји. 

Добро место за живеење за мигрантите од други земји 

Скопје, според анкетата, е градот кој е најлошо место за живеење за мигрантите од други земји. Така, само 33 отсто од анкетираните скопјани сметаат дека условите за живот на мигрантите во градот се добри, со што Скопје се наоѓа на последното место на листата. 

Пред Скопје е Софија со 49 отсто, а нешто подобро услови има и во Париз, Рим и Бјалисток со по 54 проценти, Белград со 55, Верона и Љубљана со по 57, Подгорица со 58 и Ираклион на грчкиот остров Крит со 59 отсто. 

Најдобри услови за живот на мигрантите, според неговите жители, нуди велшката престолнина Кардиф (95 проценти), пред португалските Лисабон и Брага со 90, односно 89 отсто, холандскиот Гронинген (88 проценти), потоа Гдањск, Барселона, британскиот урбан конгломерат Тајнсајд, чиј дел е и градот Њукасл и германскиот Хамбург со по 87 отсто и Хелсинки и Глазгов со по 86 проценти. 

03.01.2024 - 11:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега