Францускиот јазик ќе се изучува како изборен предмет во петто одделение во училиштата каде има интерес

 


Основните училишта од следната учебна година ќе имаат можност да го воведат францускиот јазик како изборен предмет во петто одделение, доколку кај учениците постои интерес за негово изучување. Ова е предвидено во анексот на меморандумот за соработка помеѓу Министерството за образование и наука и Француската амбасада, што денеска го потпишаа министерката Весна Јаневска и амбасадорот Кристоф Ле Риголер.

За министерката Јаневска продлабочувањето на соработката за поголема промоција на изучувањето на францускиот јазик и унапредување на наставата по француски во македонскиот образовен систем е потврда на пријателството помеѓу двете земји, кое продолжува да се развива.

„Го поддржуваме изучувањето на францускиот јазик, имајќи предвид дека тој е меѓу најкористените јазици во глобалниот свет, како и тоа дека сме Влада која поттикнува јазична различност. Придобивките од познавање на јазици различни од мајчиниот, се повеќекратни. Тоа овозможува да се градат мостови помеѓу народи и култури, а јазичните вештини во денешно време се и суштински фактор за успешен настап на пазарот на трудот, како што се и дигиталните вештини“, рече Јаневска.

Министерката додаде дека младите од Македонија кои ќе го совладаат францускиот јазик, преку комуникација ќе имаат можност и за поголема афирмација на македонскиот идентитет, јазик, историја и културно наследство.

За квалитетна и интересна наставата по француски јазик во петто одделение, Бирото за развој на образованието подготвува наставна програма за овој изборен предмет.

27.05.2025 - 13:49

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега