Самит САД-Русија: Разговори за „разбирање“, но „без договор“

 

Претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, по тричасовниот состанок не успеаја да постигнат договор за прекин на војната во Украина. Средбата, која двајцата ја нарекоа „самит“, беше оценета како продуктивна, иако без конкретен исход. Трамп најави дека ќе стапи во контакт со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со лидерите на НАТО за да ги информира за разговорите.

Путин, пак, изјави дека е постигнат одреден договор, без да открие детали, јави „Фокс њуз“. „Денешната спогодба ќе биде почетна точка не само за решение во Украина, туку и за враќање на економската соработка меѓу Русија и САД“, рече рускиот претседател.

Во своето обраќање, Путин ја нарече Украина „братска нација“, но нагласи дека „корените на конфликтот мора да бидат елиминирани“ – израз кој повеќепати го користел како оправдување за руската инвазија во 2022 година.

Трамп ја опиша средбата како „многу продуктивна“, истакнувајќи дека е постигната согласност за „многу прашања“, но не прецизираше за кои. „Сè уште не сме сосема таму. Имаше многу точки за кои се согласивме, можеби за поголемиот дел, но за неколку клучни не постигнавме конечен договор. Нема договор додека нема договор“, порача американскиот претседател.

Тој изрази надеж дека следниот чекор ќе биде директна средба меѓу Зеленски и Путин, иако остана неизвесно дали има напредок во таа насока. Во изјава за „Фокс њуз“ по разговорите, Трамп додаде: „Сакам луѓето да престанат да умираат. Верувам дека и Путин сака ова да заврши“.

Од Кремљ, портпаролот Дмитриј Песков оцени дека средбата меѓу двајцата лидери била „многу позитивна“. „Разговорот беше исклучително конструктивен, и двајцата претседатели го потврдија тоа. Ова е вид дијалог што овозможува да се бараат заеднички решенија за мир“, заклучи Песков.

16.08.2025 - 10:24

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега