Златото на сопственичката на ТАТ им припадна на штедачите
По 17 години неизвесност, донесена е конечна судска одлука, со која златото пронајдено во домот на сопственичката на најголемата пирамидална штедилница ТАТ останува во стечајната маса и нема да ѝ се врати на Соња Николовска.
Весникот Нова Македонија денеска пишува дека златото и златниот накит за кои Николовска тврдеше дека се во нејзино семејно наследство, им припаѓа на штедачите и е дел од стечајната маса на штедилницата ТАТ, која е во стечај. Врховниот суд деновиве ја отфрли ревизијата на децата на Соња Николовска, Александра, Марија и Томе, кои ја тужеа Република Македонија за одземеното злато, кое, според нив, било приватна сопственост на нивниот покоен татко Стерјо.
Со ваквата пресуда на Врховниот суд конечно му се стави точка на случајот со одземеното злато и златен накит, кое полицијата го одзеде од сопругот на сопственичката на ТАТ Стерјо Николовски, по банкротирањето на штедилницата ТАТ, во март 1997 година, пишува весникот.
Апелацискиот суд ја потврди пресудата на Основниот суд и пресече дека златото и златниот накит им припаѓаат на штедачите. Во текот на судскиот процес се потврди дека од станот на сопругот на Соња Николовска, при претрес, од полицијата биле одземени златни предмети и дел девизи, пишува Нова Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа