Експертите потврдија: 21 икона од запленетите во Албанија се украдени од Македонија
Од вкупно 1.077 икони, артефакти, бронзени и други предмети од средниот век, запленети во акцијата „Икона“, што албанската полиција ја реализира на 8 октомври лани, потврдено е дека 21 икона припаѓаат на македонските цркви, стои во Извештајот подготвен од единаесет албански експерти по иконографија.
Се чека официјално барање од македонска страна за нивно враќање.
Кон крајот на декември минатата година, група од петмина експерти по иконографија и вработени во македонската полиција во присуство на обвинител, престојуваа во Тирана за да ги идентификуваат иконите украдени од Македонија, кога беше соопштено дека најмалку дваесет икони припаѓаат на македонските цркви.
Во Извештајот стои дека другите икони пронајдени кај „колекционерот“ Ѓерѓи Тимо (52) биле украдени од црквите „Свети Атанасиј“ во Воскопоја, истоимената црква во Караваста кај Љушња, црквата „Света Богородица“ во Љушња и манастирот во Спила.
Освен Тимо, во акцијата беше уапсен и неговиот пријател Арбен Спахо (43). Кога полицијата го откри магацинот со 454 икони и други вредни предмети, Тимо тврдеше дека е обичен колекционер, но потоа признал дека иконите се украдени од цркви во Албанија, а за некои рекол дека се украдени и од Македонија.
Според Обвинителството, Тимо продал најмалку 40 икони надвор од земјата, иако бил свесен дека се украдени, додека осум стари и многу вредни икони за по 10.000 евра продал во Швајцарија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа