Одржана средбата меѓу Груевски и извршниот директор на ММФ

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски денеска оствари средба со извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Мено Снел.

Соговорниците се осврнале на повеќе теми од областа на економијата и реформските процеси кои се важни за макроекономската стабилност и економскиот напредок на државата.

Премиерот Груевски, соопшти владиниот сектор за односи со јавноста, го запознал својот соговорник со реформите и мерките кои се превземаат на планот на поттикнување на инвестициските вложувања, унапредување на трговската размена, како и обезбедувањето на стабилен економски развој.

Владата на Република Македонија, истакнал Груевски, го дава максимумот на полето на обезбедување на долгогодишна макроекономска стабилност со ниска инфлација која во просек изнесува околу 2 проценти во последните 10 години, како и обезбедување на низок буџетски дефицит.

Премиерот Груевски го запознал соговорникот и со поволниот даночен пакет кој го нуди државата во насока на привлекување на инвестиции. Тој посочил дека во делот на даночниот систем воведен е најповолен пакет на рамни и ниски даноци и се поедноставени постапките за нивно пријавување и плаќање преку реформи во даночната администрација. Данокот на добивка и персоналниот данок на доход изнесуваат само 10 проценти што е најниско ниво во Европа, а од оданочување ја ослободивме задржаната добивка која не се распределува во дивиденди, истакна премиерот Груевски. Груевски изразил благодарност за соработката со ММФ, како и можноста за обезбедување на поволни кредитни линии кои овозможуваат реализација на значајни проекти кои овозможуваат развој.

Извршниот директор на ММФ, Мено Снел ги поздравил реформите кои ги прави државата оценувајќи дека нивната реализација ја вбројуваат во редот на најамбициозните држави во регионот. Тој истакнал дека е добар и плодотворен фактот што Македонија е ангажирана во насока на привлекување на инвестиции и нејзина меѓународна промоција што е значаен фактор на тој план. Извршниот директор на ММФ, оценил дека Република Македонија води стабилна даночна политика и макроекономски е стабилна.

- Поседувањето на јасна визија, амбиција и стабилност е она што го бараат и ценат инвеститорите, додал Снел.

Тој потенцирал дека Република Македонија успева да изгради позитивна слика за реформите кои ги спроведува што допринесува за одржување на добра репутација значајна за странските инвеститори.

Груевски и Снел изразиле подготвеност за продолжување на соработката и размена на искуства кои ќе придонесат за полна реализација на реформите и економски развој.

17.02.2014 - 19:01

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега