Од денеска почнува увидот во избирачкиот список
Официјално од денеска започнува увидот во Избирачкиот список кој ќе трае наредните дваесет дена.
Еден милион 787 илјади и 350 граѓани се запишани во Избирачкиот список, a од нив 68 илјади и 704 лица се водат како иселени. До 7 март граѓаните во подрачните единици и канцелариите на Државната изборна комисија (ДИК) или преку веб-страната на Комисијата ќе можат да проверат дали ги има во Избирачкиот список.
Новитет оваа година е тоа што и дијаспората ќе гласа за претседател на државата. До 7 март државјаните на Република Македонија кои се на привремена работа или престој во странство можат по електронска пошта преку ДКП-та или до ДИК да поднесат барање за запишување, дополнување или бришење на податоците од посебните изводи од Избирачкиот список. На 1 февруари, пак, започна да тече и рокот во кој граѓаните од дијаспората ќе можат да поднесат пријава за гласање за претседателските избори.
Денеска започнува и собирањето потписи за кандидат за претседател од група избирачи кое ќе трае до 2 март. Претседателот на ДИК Никола Рилкоски минатата недела најави зголемување на бројот на местата каде што независните кандидати ќе може да ги собираат потписите од 34 на 80-тина.
За потсетување, изборите за претседател ќе се одржат на 13 април.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа