Пратениците ја завршија расправата за составот на Лустрациска

 

Македонските пратеници денеска ја завршија расправата за новиот состав на Комисијата за верификација на факти.

За член и претседател на Комисијата е предложен Томе Аџиев кој и во изминатите три години беше на оваа позиција. За негов заменик се предлага Асан Лума и за членови Новица Велјановски, Предраг Димитровски, Ѓорѓи Малковски, Вецко Здравевски, Ристана Лалчевска, Шпенд Винца, Даут Даути, Цветанка Соколова Младеновска и Марија Зафировска.

Според Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, целта на лустрацијата е да се извадат досиејата од минатото.

Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ смета дека со процесот треба да се даде можност луѓето да ја дознаат вистината зошто некои луѓе пателе, некои режисери и писатели напредувале, некои не...

Пратеникот Ивон Величковски од Либералната партија истакна дека на Република Македонија и треба лустрациска комисија и процес на лустрација, но не ваков кој, според него, предизвикува тешки поделби. Целта на Комисијата, како што рече, не е прочистување на историјата, туку на општествената свест и совест. 

- Комисијата за лустрација не може да ја прочистува историјата, таа е случена и не може да се менува, само може различно да ја интерпретираат тие што се сметаат за победници, истакна Величковски, нагласувајќи дека е потребна ревизија на процесот и консензус за лустрација и оти неадекватното лустрирање е прашање на политичка неодговорност.

Сузана Салиу од ДУИ посочи дека главна жртва на комунизмот биле Албанците во Република Македонија кои во тој период биле во постојана опсервација, посебно албанските интелектуалци. Смета дека Собранието треба да донесе акт за рехабилитација и обесштетување на овие Албанци.

Драгиша Милетиќ од Српската напредна странка смета дека е потребно да се отворат сојузните архиви, но оти со тоа многу политичари од постарата генерација ќе се најдат во незгодна состојба. - Се согласувам дека лустрацијата мора да продолжи бидејќи има голем број злосторства направени од двете страни, додаде Милетиќ.

Низ процесот на лустрација не поминуваат само поединците, туку поминува целото општество, забележа Павле Трајанов од Демократскиот сојуз. Смета дека треба да се направи прочистување на лустрацијата, рехабилитација на жртвите и помирување.

- Процесот треба да биде насочен кон носители на високи државни, политички и партиски функции, бидејќи тие биле корисници на информациите од тајните служби и тие носеле одлуки кој ќе биде деградиран, кој ќе биде осуден, кој стрелан..., рече Трајановски.

Независниот пратеник Сафет Бишевац рече дека ќе гласа против, бидејќи за претседател на Комисијата повторно е предложен Аџиев. 

Пратениците треба да продолжат со работа по редовната пауза.

17.01.2014 - 14:38

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега