Пратениците ќе расправаат за составот на Лустрациска

 

Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 82. седница треба да ја продолжи расправата за Предлог одлуката за избор на претседател, заменик-претседател и членови на Комисијата за верификација на фактите. Дебатата за новиот состав на лустрациската комисија почна вчера.

За член и претседател на Комисијата е предложен Томе Аџиев кој и во изминатите три години беше на оваа позиција. За негов заменик се предлага Асан Лума и за членови Новица Велјановски, Предраг Димитровски, Ѓорѓи Малковски, Вецко Здравевски, Ристана Лалчевска, Шпенд Винца, Даут Даути, Цветанка Соколова Младеновска и Марија Зафировска

Пратениците ќе расправаат и за предлог одлуките за именување членови на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, за разрешување и именување претседател и членови на одборите за доделување на државните награди „11 Октомври", „Мајка Тереза" и „Св. Климент Охридски".

Меѓу точките од дневниот ред на 82. седница се и предлог законите за изменување и дополнување на законите за филмската дејност, за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, за медиуми, предлог измените на Изборниот законик, Предлог законот за дополнување на Кривичниот законик, сите по скратена постапка, како и Предлог законот за кoристење на податоците од јавниот сектор, во прво читање.

На продолжението на 82. седница се и предлог законите за ратификација на договорите за трговија со оружје, за соработка од областа на трудот, социјалната сигурност и вработувањето помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Турција, Предлог законот за финансиската полиција, во второ читање, за изменување и дополнување на  законите за данокот на додадена вредност, за пригодни ковани пари, за задолжница, сите во второ читање.

Пратениците треба да дискутираат и за Предлог-законот за реализација на инфраструктурен проект за изградба на магистрален гасовод, Делница „Клечовце - Блок станица 5“, по скратена постапка, за предлог-законите за изменување и дополнување на  законите за јавните набавки, за експропријација, за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост и за вработување и работа на странци, сите во прво читање.

17.01.2014 - 08:43

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега