Расправата за новиот состав на комисијата за лустрација продолжува утре

 

Собранието на Република Македонија утре ќе ја продолжи расправата за новиот состав на Комисијата за  верификација на факти. 

За член и претседател на Комисијата  е предложен Томе Аџиев кој и во изминатите три години беше на оваа позиција. За негов заменик се предлага Асан Лума и за членови Новица Велјановски, Предраг Димитровски, Ѓорѓи Малковски, Вецко Здравевски, Ристана Лалчевска, Шпенд Винца, Даут Даути, Цветанка Соколова Младеновска и Марија Зафировска.

Во попладневниот дел од седницата расправата продолжи со квалификации за одвивањето на лустрацијата и потребата од нејзино спроведување.

Радмила Шекеринска од СДСМ оцени дека во целиот процес на лустрација се заборавило на зборот правда, а се претворил во потреба некој некого да казни. - Наместо да зборуваме за жртвите, денес зборуваме за списоци за отстрел, рече Шекеринска.

Ромео Тренев од ВМРО-ДПМНЕ во реплика праша зошто од СДСМ си ставаат товар да бидат единствените против лустрацијата.

- Немојте да си ставате таков непотребен товар. Секогаш кога ќе излезете на говорница и кога ќе дискустирате против лустрацијата тогаш веднаш во тој момент застанувате на страна на кодошите. Оваа генерација на социјалдемократите нема потреба од тоа, рече Тренев.

Според Цветанка Иванова од СДСМ, комплетно се напуштени првичните начела и цели што требало да се постигнат со лустрацијата. Кога се изготвуваше законот, посочи, се договроивме дека не смее да се повреди правната држава и владеење на правото, законот не смее да биде алатка за реваншизам, не смее да биде алатка за пресметка со политичките неистомислинеци, да биде закон кој ќе го расчисти минатото, ќе се исчисти општеството...., наведе Иванова.

Реплицирајќи, Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека СДСМ правеле се што можат да направат за да го стопираат  процесот на лустрација и оти и во изминатиот период и сега се против ефективна лустрација.

Антонио Милошевски од ВМРО-ДПМНЕ ја повика СДСМ да учествува во процесот на лустрација, кој, како што рече, не е совршен, но е сепак демократски. Учеството на СДСМ ќе биде демократско легитимирање на процесот на лустрација, наведе Милошовски

16.01.2014 - 18:36

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега