По цели 45 години ремонт на пругата Ногаевци-Неготино

На Железничката станица Градско на пругата Велес-Гевгелија од денеска официјално започнуваат градежните активности за ремонт на железничката делница Ногаевци-Неготино на Коридорот 10.

Изведувач на работите е бугарската компанија ЦК - 13 Холдинг, а цената на ремонтот е 9.399.755 евра, обезбедени со заем од ЕБОР. 

Со ремонтот на делницата ќе се изврши замена на 30 cантиметри од лошиот земјен материјал, поставување геотекстил и геомрежа, вградување нов квалитетен камен материјал (дробина) и набивање со минимален модул на стисливост од 40 мегапаскали.  Се предвидува да се изврши комплетна замена на старите дрвени прагови со армирано-бетонски преднапрегнати прагови. Исто  така, комплетно ќе бидат заменети постоечките шини од типот   S-49  со нови од типот UIC-60. Исто  така, ќе бидат заменети изолираните лепени состави со нови. На целата делница шините и изолираните состави ќе бидат заварени во долги шински ленти. Ќе се изврши целосно прочистување на загадениот толчаник со просејување и ќе се изврши дополнување со нов.Пероните на стојалиштата во Ногаевци, Стоби и Црвени брегови и во станиците Градско, Кукуричани и Криволак ќе бидат реконструирани со вградување на армирано-бетонски елементи. Во станиците Криволак, Кукуричани и Градско ќе бидат заменети вкупно 8 влезни свртници тип S-49-300-6º со нови тип UIC-60-300-6º, поставени на армирано-бетонски преднапрегнати прагови. Ремонт на горниот строј и санација на долниот строј ќе се изврши и на преодните колосеци во станиците Криволак, Кукуричани и Градско.

Инаку, последниот ремонт на делницата Ногаевци-Неготино е извршен во 1968 година.

27.12.2013 - 09:19
Фото: 
Евести

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега