Се огласи Божиновска: Ја поздравувам одлуката на РКЕ - нема големо зголемување на цената на струјата
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска во пишана изјава за медиумите ја поздравува одлуката и, како што вели, одговорниот пристап на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), која како независно тело донесе одлука за минимално, односно незначително покачување на цената на електричната енергија за домаќинствата.
-Посебно сум задоволна заради минималното покачување од 0,68 отсто за првиот блок на потрошувачи, кои сочинуваат скоро 80 отсто од вкупниот број на домаќинства. Исто така за поздравување е и тоа што просечно покачување е од незначителни 0,92 отсто на цената на електричната енергија за домаќинствата, вели Божиновска во изјавата.
Нагласува дека оваа одлука е резултат на посветената соработка помеѓу Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, АД ЕСМ – најголемиот производител на електрична енергија во државата и останатите компании од енергетскиот сектор.
-Со заеднички напори успеавме да обезбедиме стабилно снабдување со електрична енергија и одржување на ценовната стабилност дури и во услови на глобални енергетски предизвици. На тој начин помагаме на животниот стандард на граѓаните, порачува Божиновска и додава дека посветеноста на АД ЕСМ кон ефикасното управување со ресурсите претставува клучен фактор за овој успех.
Во изминатиот период, потсетува, со сериозен и одговорен пристап значително ги подобривме работните процеси во енергетските капацитети во насока на намалување на трошоците, што има значаен придонес кон одржување на ценовната стабилност, но и сигурност и стабилност на енергетскиот систем на нашата земја.
-Наследивме неповолни договори од минатото, големи долгови, неподготвени енергетски капацитети и други неповолни состојби кои успешно ги решаваме. Како Министерство, остануваме фокусирани на развој и имплементација на долгорочни стратегии, како и зголемување на домашното производство на електрична енергија што ќе придонесе за ценовна стабилност. Среќни сме што првичните значајни резултати од нашата работа почнуваат да се видливи за сите, истакнува Божиновска во пишаната изјава за медиумите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа