ЕУ го одложува воведувањето царини за американските стоки
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен денеска изјави дека Европската унија ќе го одложи воведувањето реципрочни царини за американски стоки за 90 дена, откако претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп претходно објави дека го одложува воведувањето на американските царини за стоки од ЕУ за 90 дена.
Фон дер Лаен рече дека новите царини за американските стоки во вкупна вредност од 20,9 милијарди евра ќе бидат одложени за 90 дена бидејќи „сакаме да им дадеме шанса на преговорите“, но таа исто така предупреди: „Ако преговорите не бидат задоволителни, нашите контрамерки ќе бидат воведени“.
Во изјавата, претседателката на Европската комисија рече дека „јасните, предвидливи услови се од суштинско значење за функционирањето на трговијата и синџирите на снабдување“.
„ЕУ е посветена на конструктивни преговори со САД“, рече таа, повторувајќи ја понудата на ЕУ за билатерални ослободувања на царини за автомобили и други индустриски стоки.
Трамп минатата недела најави казнени царински тарифи, што ги фрли светските пазари во хаос. Тој постави тарифа од 20 проценти за ЕУ, а Европската комисија подготви соодветен одговор, но јасно укажа дека претпочита да го избегне.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа