Ја дрогирал жена му па виканал 72 различни мажи да ја силуваат
Седумдесет и двајца мажи вкупно 92 пати силувале жена која била дрогирана. Силувачите биле бизнисмен, пожарникар, менаџер, возач на виљушкар, новинар … на возраст од 26 до 74 години, а жената имала 72 години. Овој случај во малото француско село Мазан го прави уште погрозоморен тоа што жената била жртва на сопругот, 71-годишен пензионер, поранешен вработен во француската државна компанија за електростопанство ЕДФ, кој ја онесвестувал со дрога и наоѓал мажи преку интернет за да ја силуваат.
Во понеделникот, во Авињон, почна судењето на сопругот од пеколот Доминик П., како и на 50 мажи кои полицијата ги идентификувала меѓу 72-та силувачи, на кои им се суди за наводно учество во злоупотреба.
Жената, Жизел П., која пристигнала во судот во придружба на трите деца, не сакала судење зад затворени врати бидејќи „така би сакале нејзините напаѓачи“, рече еден од нејзините адвокати, Антоан Ками, кој сепак смета дека ова судење ќе биде ужасно искушение за неа. По ова барање судија Роџер Арата најави дека сите рочишта ќе бидат јавни, со што на жената ѝ се исполнува желбата за целосен публицитет до крајот на судскиот случај.
-За првпат, таа ќе мора да ги преживее силувањата што ги трпела повеќе од 10 години, изјави за АФП адвокатот Ками, додавајќи дека неговата клиентка не се сеќава на злоупотребата, откриена дури во 2020 година.
Таа година во септември, полицијата почнала да го истражува Доминик П., кога чувар во трговски центар го фатил како тајно снима под здолништата на три жени. Полицијата соопшти дека на неговиот компјутер пронашла стотици слики и видеа од неговата сопруга, видно онесвестени и главно во фетусна положба. Наводно, сликите покажуваат десетици силувања во домот на парот во Мазан, село со 6.000 жители, на околу 33 километри од Авињон, во Прованса. Инспекторите, исто така, откриле негови разговори на интернет-страницата coco.fr, во кои тој повикувал непознати луѓе да дојдат во неговиот дом и да имаат односи со неговата сопруга. Таа страница полицијата ја затворила.
Доминик П. им признал на инспекторите дека на сопругата ѝ давал моќни средства за смирување, особено „теместа“, лек кој ја намалува анксиозноста. Тој рекол дека злоставувањето почнало во 2011 година, кога живееле во близина на Париз, а продолжило откако две години подоцна се преселиле во Мазан. Во почетокот ја дрогирал со апчиња за спиење за да може да ја малтретира со одредени сексуални практики што таа ги одбивала. Потоа открил дека ужива кога гледа како некој друг ја допира. Според мислењето на еден експерт состојбата на жената била поблиску до кома отколку до спиење.
Мажите кои ја силувале не смееле да паркираат пред куќата, да имаат на себе парфем или да пушат, рацете не смееле да им бидат ладни па пред да ја допрат ги ставале во топла вода, за да не забележат ниту жената, ниту соседите.
Жртвата имала последици од постојаната анестезија. Цели 10 години посетувала доктори, секогаш придружувана од нејзиниот сопруг, кој губењето на свеста и затемнувањето ги објаснувал како знак на стрес. Роднините дури се плашеле дека Жизел ги покажува првите знаци на деменција.
Според обвинителите, сопругот учествувал во силувањата, ги снимал и ги охрабрувал другите мажи користејќи понижувачки речник. Некои од силувачите биле женети, семејни мажи, некои биле разведени, а некои биле слободни. Повеќето од нив ја силувале жената само еднаш, а некои дури шестпати. Пред судот повеќето изјавиле дека мислеле дека едноставно и помагаат на слободна двојка да ги оствари своите фантазии, но Доминик П. им рекол на инспекторите дека сите биле свесни дека неговата сопруга била дрогирана и дека тоа што ѝ го прават е без нејзино знаење. Тој додал дека само тројца мажи брзо ја напуштиле куќата по пристигнувањето, додека сите други продолжиле да имаат односи со неговата сопруга. За АФП неговата адвокатка Беатрис Заваро изјави дека тој бил силуван од медицинска сестра кога имал девет години, а сега е подготвен да се соочи со сопругата и со семејството.
Ова не е прво злосторство за кое е осомничен Доминик П. Тој бил обвинет за убиство и силување во 1991 година, што ги негира, како и за обид за силување во 1999 година, кое го признал по ДНК-тест. Според експертите тој не е ментално болен, а во документите во кои имала увид АФП стоело дека тој има потреба да се чувствува „семоќен“ над женското тело.
Жизел П. Поднела барање за развод на бракот што траел 50 години, а судењето на нејзиниот сопруг и силувачите ќе трае до декември, кога се очекува пресудата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа