Пари, храна, топла облека и душеци - помош за семејствата чии домови настрадаа во пожарот во Топанско поле

 

Семејствата од Тенеќе Маало во Топанско поле, чии куќи изгореа во синоќешниот пожар, ќе бидат сместени во одморалиштето во Љубанци, а ќе добијат и парична помош, храна и хигиенски пакети.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, денеска ги посети семејствата кои останаа без покрив над глава и најави дека Министерството ќе помогне во рамки на можностите.

- Семејствата ќе бидат сместени во одморалиштето во Љубанци. Дополнително ќе помогнеме и со парична помош, во рамки на нашите надлежности и можности. Ќе дадеме максимална поддршка со цел овие луѓе што е можно побрзо да се згрижат и да се обезбедат средства за реконструкција на нивните домови, истакна Спасов.

Градоначалникот Коце Трајановски најави дека и Град Скопје ќе им помогне на семејствата со околу 1,5 милиони денари.

Од Црвениот крст на Град Скопје информираат дека доставиле по 30 пакети храна и хигиенски производи за да ги задоволат потребите на 100 лица.

- Се дистрибуираа 60 душеци, 60 ќебиња како и топла облека за сите. Во акцијата се вклучија 10 волонтери и тимот за логистика, кој го организираше транспортот на кревети за лицата до одморалиштето во Љубанци, информираат од Црвениот крст.

Според информациите од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, пожарот бил пријавен во 2 часот и 7 минути. Се интервенирало со 17 возила и 45 пожарникари.

08.12.2013 - 15:48

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега