Статакис: Грција ја гледа Северна Македонија како основен партнер во обидот Јужен Балкан да стане енергетски транзитен центар

 

Поврзување на мрежата на природен гас, повторното отворање на нафтоводот Скопје – Солун и надградба и модернизирање на интерконекцијата на мрежата за електрична енергија меѓу двете земји се трите конкретни примери за продлабочување на соработката меѓу Македонија и Грција, што министерот за животна средина и енергија на Грција, Јоргос Статакис ги споменува во интервју за МИА и вели дека преку ова тројно поврзување грчката Влада ја гледа нашата земја како основен партнер во обидот за трансформација на Јужен Балкан во основен енергетски транзитен центар.

Грчкиот министер ќе биде дел од владината делегација предводена од Алексис Ципрас што во вторник ќе го посети Скопје, а во пресрет на патувањето во Северна Македонија Вели дека регионот кој беше измачуван од поделби и национализми, сега, може да му даде пример на поширокото европско семејство за вредноста и придобивките од соработката, но и дека Балканскиот Полуостров по многу децении, одново станува третата порта на Европа кон Медитеранот.

Во врска со оние кои не се согласуваат со Договорот и од двете страни на границата тој вели:

-Народите од Балканот со векови функционираа во заеднички економска рамка што во еден момент беше прекинато од политички, геополитички и други причини. По 1990 започна процес на реорганизација на односите во поширокиот регион, преку интеграција во меѓународни организации.

Северна Македонија беше од државите што останаа назад во овој процес, главно поради разликите со Грција. Токму тука се наоѓа апсолутната и комплетна придобивка од Договорот од Преспа: се обновува историски природниот простор кој со векови беше поле на инвестициски, трговски и културни размени, отворајќи огромни можности за двата народа - кажа Статакис.

Што се однесува до перспективите што за двете земји ги отвора Договорот од Преспа, како генерално, така и во однос на  енергетиката, вели дека  Македонија може да биде една од првите станици на патот за интеграција во европската структура.

-Од овој нов аспект, економските односи, што и денес постојат, де факто добиваат поинаква динамика. Ова, очигледно е дека се однесува и на енергетскиот сектор, каде што постојат доста сфери што се нудат за заемно корисна соработка меѓу две соседни земји.

Секако, да не заборавиме дека Европската комисија го усвои Target-model-от преку кој се стреми да создаде единствен европски пазар на енергија, што ќе ги надмине лимитите на ЕУ. Па така, Северна Македонија може веднаш да оди напред во оваа насока, за енергетската унија да биде една од првите станици на патот за интеграција во европската структура - вели Статакис.

Тој кажа дека време на посетата на Македонија, може да се потпишат и договори.

-По решавањето на прашањата, што со децении ги измачуваа двете земји, посетата на Северна Македонија означува одново отпочнување на билатералните односи. Во оваа рамка јасно е дека ќе постојат низа соработки што можеме да ги постигнеме и да потпишеме договори.

Освен тоа, овој пристап цврсто го промовира грчката Влада во односите со балканските држави, во целост. Потсетувам дека на крајот од минатата седмица во Букурешт се одржа квадрилатерален самит со учество на лидерите на Грција, Романија, Бугарија и Србија, каде што беше договорено продлабочување на соработката во низа области.

Во енергетиката, повторното започнување на односите може да почне со обновување на непреченото поврзување на мрежите на двете земји – нешто што може да бара и развивање заеднички инфраструктури. Конкретно, споменувам три прашања.

Прво, во поврзувањето на мрежата на природен гас во двете земји. Веќе постои Меморандум за разбирање меѓу ДЕСФА и МЕР, што произлезе од Мерките за градење доверба. Сакаме да се придвижиме напред кон сите неопходни чекори за двете мрежи да се обединат и постепено и Северна Македонија да се вклучи во пошироката мрежа што ја развиваме, со гасниот интерконектор Грција –Бугарија, перспективата за проширување кон Србија и Романија и секако поврзување на сите нив со гасоводот ТАП, што се наоѓа во фаза на завршување.

Второ,  во прекуграничниот нафтовод што го поврзува Солун со Скопје во чија сопственост со процент учествува Северна Македонија. Станува збор за голема инвестиција во интерконекциска инфраструктура што останува неактивна. Сметам дека во поширокиот контекст на економската соработка повторното активирање на постоечката инфраструктура ќе биде добар пример за тоа како одличната соработка меѓу двете страни може да донесе заемно корисни економски резултати.

Трето, во надградбата, зајакнувањето и модернизирањето на интерконекцијата на мрежата на електрична енергија меѓу Грција и Северна Македонија. Електричните поврзувања, заедно со усвојувањето на заедничка институционална рамка, се предуслови за Target-model-от.

Сакам да потенцирам дека идејата за тројното поврзување не е исцрпено само во рамките на добрата економска соработка. Грчката Влада преку ова тројно поврзување ја гледа Северна Македонија како основен партнер во обидот за трансформација на Јужен Балкан во основен енергетски транзитен центар.

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

31.03.2019 - 12:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега