Иванов на самит во Драч: Балканска инфраструктура треба да биде поврзана со европската

 

Денеска македонскиот претседател, Ѓорѓе Иванов, се обрати на  5. Регионален претседателски самит во Драч, Тирана.

Шефот на македонската држава денеска истакна дека на регионот му треба нова инфраструктура, бидејќи постојната нè држи во заложништво на стари хегемони и дека поврзувањето на Јадранско-јонската магистрала со Коридорот 8 значи суштинско менување на географијата и иднината на нашиот регион.

Информира за неодамнешните разговори со хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ, кој како што рече, планира да го продолжи Брдо процесот уште во април 2014 во Загреб, во присуство на највисок претставник на земја-основач на Унијата. - Времето е многу кратко. Затоа, апелирам да се усогласиме и да инсистираме оваа тема да биде највисоко на агендата на Брдо процесот. Да инсистираме да се побара помош од Унијата за ова да прерасне во европски коридор, коридор што ќе биде финансиски поддржан од Унијата, додаде тој.

- Целата балканска инфраструктура треба да биде поврзана со европската. Не попусто, патот што не води никаде се нарекува слепа улица. На Балканот имаме премногу слепи улици. Само преку инфраструктурно поврзување со европските коридори ќе исчезнат слепите улици на Балканот, нагласи Иванов.

Посочи дека балканизирањето на европските политики кон регионот се одразува на добрососедството, економијата и европската интеграција на регионот. - Долго време очекувавме дека земјите од регионот што порано станаа членки на Унијата ќе бидат двигатели и главни застапници за добробитта на целиот регион. Очекувавме дека земјите-членки од регионот ќе придонесат за европеизација на Балканот. Наместо тоа, сведоци сме на балканизирање на европските политики кон регионот. Тоа се одразува на добрососедството, економијата и европската интеграција на регионот, рече Иванов.

Поздравувајќи го дијалогот меѓу Белград и Приштина, претседателот Иванов рече дека останува неговата имплементација и конечната стабилизација на состојбите во регионот.

- Додека успешно го трчаме маратонот на градење, развивање и одржување на добри политички односи, сите ние заостануваме во трката за економска соработка. Да не заборавиме дека двете сфери се надополнуваат како две страни на истата монета.

Во својот говор Иванов подвлече дека очекува нашиот јужен сосед да применува политика на соработка и приближување што ќе придонесе кон реализација и на Агендата 2014. - Очекуваме конечно нашиот сосед да почне европски да се однесува кон соседите и регионот. Очекуваме да почне да применува политика на соработка. Не може да се верува на излитена декларативност. Доста ни се зборови. Не знам кој уште им верува на нивните зборови. Без дела, нивните зборови се само празни зборови, барем за нас истакна шефот на македонската држава.

17.09.2013 - 11:22

најчитано сега