Потпишан Меморандумот за членство во ЕУ
Денеска во Собранието на Македонија парламентарните политички партии, освен Либералната партија и ДПА, потпишаа Меморандум за исполнување на стратешката цел за членство на Република Македонија во Европската унија.
Меморандумот бил усогласен меѓу поднесувачот ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и НСДП кои имаа свои забелешки, како и ДУИ.
Со меморандумот партиите се обврзуваат дека континуирано и без одлагање ќе ги спроведуваат во рамки на институциите, сите активности и одлуки за реформи потребни за исполнување на критериумите за членство во ЕУ, а особено оние кои се однесуваат на слободата на медиумите и изразувањето, слободни и фер избори, владеењето на правото и независноста на судството, како и борба против корупцијата и криминалот. Ќе се воздржат од дејствија и активности кои може да го попречат или негативно да влијаат на пристапниот процес, притоа, несогласувањата или различните мислења ќе се надминуваат со меѓусебен дијалог во рамки на институциите, водејќи сметка пред се за интересот на државата и нејзините граѓани. Ќе вложат напор за постигнување на усогласени ставови или решенија во однос на надминување на предизвиците со кои се соочува Република Македонија во пристапниот процес преку отворен и конструктивен политички дијалог. Ќе обезбедат целосно и континуирано информирање на политичките субјекти и граѓаните за процесот на интегрирање на Република Македонија во Европската унија.
Според ЛП кои не го потпишаа меморандумот потребни се конкретни чекори, а не само манифестирање, а еден од нив е Платформата за интеграциите и решавање на спорот за името, предложена од оваа партија до Собранието. Потпишувањето на Меморандумот за Либералната партија има смисла само ако Платформата се најде на дневен ред на собраниска седница.
Од ДПА засега нема образложение зошто не го потпишаа Меморандум.